
„Промената што помогна: Престанав да слушам подкасти и умот ми се преплави со идеи.“
Отсекогаш сум сакала подкасти. Жанрот го гледам како Двајца мажи што зборуваат (во детали, за животот) и со години тоа ми беше омилена форма на забава. Почна со полу-религиозна посветеност на саботна емисија што ја водеше Џими Кар со Иан Морис, но како што поминуваа годините, а подкастите експлодираа, можев и да се разгалувам со изборот. Со тек на време имаше доволно комичарски дуети што искрено си дискутираат надежи, стравови и чудни социјални интеракции за секој момент од денот да ми биде исполнет.
Ме привлекуваа овие подкасти затоа што ме смееја, но уште од самиот почеток ми беа и многу утешителни: имав период од тинејџерските години кога не можев ни да заспијам без епизода од некоја емисија, а секое сабајле се будев со олеснување дека не сум се задавила со слушалките во текот на ноќта.
Како што растеше консумацијата, станував исвесна дека секој ден ја користам оваа психолошка „штака“ - слушав подкасти додека шетав, купував, чистев, диплев облека, спремав храна, се облекував, се бањав и патував - значи нонстоп. Иако повремено знаев да ги користам за да намалам на анскиозно катастрофизирање, главно не се работеше за тоа дека ми е страв да бидам сама со сопствените мисли, туку како да ме мрзеше воопшто да ги имам.
Не ми текнува на точниот момент кога сфатив дека навиката за слушање подкасти ми го дави внатрешниот монолог, но сигурна сум дека во тој момент немав слушалки - невозможно е да добиеш откровение додека прислушкуваш туѓи муабети. Дефинитивно се освестив на едно патување со воз лани, додека гледав во пејсажот на источна Англија со часови во тишина, без никаква технологија што би ми одвлекувала внимание. По пат, како да поминував низ ментален reboot; умот ми беше преплавен со идеи, планови, размислувања со брзина и интензитет што ги немав почувствувано со години.
Знаев дека не беше отсекогаш вака. Не сум единствена што со мечта се сеќава на постоење што не е дефинирано од бесплатната, непречена дистракција што сега ја овозможуваат телефоните - во денешно време, ретко има момент во кој немаме пристап до бескрајни реки од туѓи мисли. Но, има едноставно решение на овој проблем - доста стискаш плеј.
И така направив. Кога деновите престанаа да ми доаѓаат со саундтрак (главно од тривијални теми и муабети), најдов нешто слично на тој изгубен свет. Почнав повеќе да слушам музика - нешто што ми ги охрабруваше мислите да лутаат - но и повторно да се навикнувам на тишина. Со тек на време, нагонот да избегам од секојдневната реалност се намали. Секојдневните домашни задачи станаа можност ментално да го дигестирам денот и почнав активно да забележувам работи кога ќе излезев од дома.
Деновиве можам да толерирам досада многу полесно. Всушност, ако сум во вистинско расположение, можам и да уживам во неа. Ако претходно ме нервирало 10 минути да чекам автобус, сега го гледам тоа како можност да си докажам дека не ми требаат надворешни стимуланси за да ублажам занемарлива неудобност.
Сè уште слушам подкасти, главно кога трчам - знам дека не можам да го хакнам вежбањето без највисоките нивоа на психолошки ескапизам. Но, би рекла дека намалив барем 80% и со тоа на умот му дадов дозвола повторно да лута - и проактивно и бесцелно.