Има теории: дека денот кога ќе прогласиме победа над корона, сите ќе излезат преку врата дотерани како за нова година - бои, дезени, алкохол, растурање јавни површини. Некои модни ентузијасти сакаат да ги вратат ракавиците за на опера.
Реалноста е дека најверојатно, најдалеку што ќе стигнеме се фармерки.
Модата обично се дефинира по циклуси на капитал, култура и продажба. Пандемијата тоа го прекина и доведе до промена во начинот на облекување предизвикана од условите, а не трендот. Сепак, како што сѐ (вклучувајќи ја и пандемијата) се адаптира на капитализмот, и трендовите ги следат, оправдуваат и објаснуваат условите во кои се наоѓаме. Поточно, GQ го скова изразот „мрзлив стил“ или „аљкав стил“ - тоа ти се пижамите со дупка и флека од чоколадо што ги носиш сега - и тоа не е само тренд, туку една форма на power dressing. Поточно, стануваме аљкави.
И овие гадни тренерки, размкнати маици, исфлекани дуксери сега му одговараат на општонародното расположение, што воопшто не е лошо. Повеќето од нас на притисоците на животот одговараат органски, а опуштената култура е дел од пошироко движење кое се граничи со привилегија, во кое бараме нови начини да изгледаме добро, а притоа да ни биде удобно.
Вистината лежи во тоа што некои од нас можат да не се дотеруваат баш, ама некои не, и оваа реалност може да стане видлива откако ќе се отвори сѐ. Особено ќе се забележува кога луѓето ќе се вратат во заедничките простори за работа.
Оние што и пред корона си тераа вака мрзливо се еден вид само-стилизирани јунаци (види Марк Закерберг), а меѓу нив има и такви што намерно го користат стилот за да создадат мит околу себе. Прашањето за нас останатите е дали новопронајдениот комфор ќе ни остане, или ќе се вратат традиционалните правила за облекување (без разлика дали мора, или ќе ти биде мерак кога ќе смееш да излезеш). Не дека е ова најважно во однос на големата слика, но сепак е очигледно дека коронавирусот ќе доведе до поинакви правила за облекување исто како што влијае и на сѐ друго, без разлика колку сакате да се дистанцирате од модата во овој момент.
Облекувањето има моќ да дефинира и да оформува. Особено кај жените, сега може да има послаб импулс - и тоа несвесен - да се облекуваш на овој или на оној начин, особено на работа.
Како и да е, традиционалниот костум, аналоген на авторитет е во моментов на неплатен одмор. (Не)потребата си го направи своето. Можеби отсега па натаму, во овој уморен свет, со шорцеви и кломпи конечно ќе добиеме шанса да одлучиме што мора, а што не.