
Интернет-ерата пред оваа се градеше на огорченост, анонимни профили и плукање киселина по луѓе што не ни заслужиле, ама новиве деца што владеат со ТикТок имаат малку поинаков пристап - главно пердашат миленијалци и тоа за глупости како чудни шопинг-навики и интереси, на пример.
Последно недоразбирање што го имавме беше ова, кога миленијалците се бунеа дека се престари за журки за време на пандемија и молеа да престанат да ги мешаат со З. Е сега, З нејќе да се меша со миленијалци - целава закачка почна кога една ТикТокерка (е, така се викале наводно, да) објави дека „Ѝ е преку глава бумерите да ги мешаат нив (З) со миленијалци, затоа што не сака да ја врзуваат со луѓе што сѐ уште мислат дека филмовите Хари Потер се некаква карактерна особина.“

Коментарите за кратко се претвораат во минско поле од (главно убитачно реални) забелешки за оваа проблематична генерација. Еден има стигнато до 13.5 илјади лајкови на пример, и тоа заради следното:
„По 34 години имаат начукано и зборуваат како „се од Хафлпаф“, значи аман, порасни и шмркни кокаин веќе“.
„И за кучиња викаат ‘дого’.“
„Они се како човечка верзија на маиците ‘pizza is life’, мислам, арно ли ви е?“
…додека миленијалците се бунат, како и генерацијата пред нив, со коментари од типот „Боже Господе, доаѓаме во мир, зошто ни се толку лути?!“
Се разбира, не наидуваат на милост.
Ги пречекуваат со коментари од типот „Живи насекирани се во кој Хари Потер дом се, а живеат во еднособен стан. Се секирате за погрешните домови.“
И се предупредуваат меѓу себе: „Пази да не ти напишат Базфид статија сега.“
Ако бе. Ќе ви дојдат и на вас Алфа, па ќе видите убаво.