Непријатни (и реални) аргументи против раѓање деца

Според статистика, во Америка (каде што има попис) бројот на жени без деца е повисок од кога и да е. И без разлика што локално информацијава може да се пречека со пцуење, непријатниот факт е дека, барем од научна гледна точка - добра идеја е да немаш деца.

Вечната расправа на мајки и не-мајки. На „раѓај - не раѓам”. Темата е често ќорсокак, еднакво како расправија меѓу верник и атеист, левичар и десничар, и истовремено непресушна инспирација за вадење очи. Веројатно нема да ве убеди, ама бар ќе ве увери дека сте во право и двете групи ќе воскликнат. Тие со раѓањето во хор „како да не!”, тие бездетните со „Реков ја!”

Ај да видиме.

1. Ако сме искрени, на светот не му треба уште едно дете

Отворете World Population Clock. Во моментов сме скоро 7.7 милијарди. До крајот на реченицава ќе рипне за уште 50-тина луѓе. Ваше е дали ќе спиете на тоа уво дека на планетата нема да ѝ снема ресурси за толку народ.

2. Децата се штетни по сексуалниот живот

Ич не е мит. Ти фали сон кога имаш деца, немаш време и главно си под стрес како родител. Секој пар различно, ама статистиката работи против вас.

3. Децата ве прават мизерни

Без разлика што не спијат и се под стрес, сме чуле и сме го виделе тој сјај кај бремена жена и нова мајка, само што науката пак е тука да ви џитне еден непријатен податок во фаца: според едно истражување на Gallup, ако не сте богати и не живеете во земја од англиско говорно подрачје, можно е да имате „пониска проценка на живот” благодарение на децата. Ова значи дека не сте нешто најсреќни што можете да бидете со деца.

4. Кариерата ќе ви страда

Фино е да се помисли дека може „да имаш сè”, ама за голем број жени тоа не е точно. Освен ако немаш кариера што ти овозможува стил на живот со викендица, дадилка и слично, плус партнер кој еднакво вложува во семејството колку и ти - нешто ќе мора да се откаже.

5. Децата знаат и да ја нарушат врската со партнерот

Иако од еволутивен аспект, „би требало” да се средиме со партнер и деца за да се одржи видот, некои истражувања откриваат дека дете може да го убие задоволството што човек може да го има од една врска.

6. Децата загадуваат

Пример: Истражувања покажуваат дека просечниот Американец со својот начин на живот загадува двојно повеќе од просечниот Британец. Просечниот Балканец ги шие и двајцата и за тоа не ни треба истражување. Значи се враќаме на она погоре, планетата веќе се мачи со секој нов човек.

7. Имате попаметна работа

Може да звучи брутално, ама… размислете. Животот е еден и надвор има еден цел свет што ви стои на располагање ако немате деца. Дали си должите сами на себе да го пробате сето тоа? Се разбира дека да.

8. Децата се скапа работа

Според едно истражување, американско дете во 2013-та, до 18-годишна возраст чинело 245.000 долари. Со инфлација тоа стига до 304.000 долари. Без школување - само со облека и храна. Ако направите и локална математика - ете ви уште еден аргумент против.

9. И најзаебаното, ако сте на граница: Подобро е да жалиш што немаш деца, отколку да жалиш што си ги направил

Аманда Чател, која ги изнесува овие аргументи на Bolde, вели:

„Сум напишала многу статии на тема зошто не сакам деца. Сум добила и многу реакции дека сум себична (точно!), а некои од жени кои отворено признале дека зажалиле што родиле. Инсистираат на тоа дека си ги сакаат децата, но кога би можеле одново да одлучуваат, не би оделе по тој пат. Каењето е ужасно чувство. Те кине одвнатре секој ден и те тера во се да се сомневаш. Никој не треба да живее со каење - не треба ни ВИЕ.”

Сè ова што го исчитавте само ве убеди во мислењето што го имавте во старт, нели?

11 декември 2018 - 11:40