Нема да ви се верува што е проблемот со куќата на Снежана во Дизниленд

Да, наслови со „Нема да ви се верува“ се ужасни, ама па ситуацијава сама си го бара. Реновираната Снежана - „вожња“ во Дизниленд се соочува со онлајн збеснувања заради - неконсензуалниот бакнеж на принцот додека е во кома.

Значи, ја знаеме приказната. Снежана го гризнува отровното јаболко, паѓа во кома, но магијата сепак може да се растури со „true love’s kiss“. Како добога да ја спасиме ако нема неконсензуален бакнеж?

Негодувањето е за паркот во Калифорнија, каде што возењето низ куќата на Снежана почнува со Лошата кралица, па поминуваш низ куќата на џуџињата, шумата и слично, за на крај да заврши со бакнежот на принцот додека таа спие.

Последново во денешно време да ти било проблем.

Објаснувањето го даваат Кејти Дауд и Џули Тремејн на СФ Гејт:

Новото финале на возењето е моментот кога принцот ќе ја најде Снежана заспана, под магијата на Лошата кралица и ѝ го подарува „бакнежот на вистинска љубов“. Бакнеж што е без дозвола, додека спие, што значи дека нема шанси да е вистинска љубов кога само еден човек знае дека се случува.

Плус:

Нели се согласивме дека „дозволата“ е проблем кај Дизни? Да ги учиш децата дека бакнувањето за кое не се согласни и двете страни - не е во ред?

И се разбира, не е во ред, точно, така е.

Во реалниот живот.

Ај па да умре Снежана ОД БАЈКАТА ако не?

Како тоа би им го објасниле Дауд и Тремејн на нивните деца?

Еве ние ќе помогнеме:

„И така, мама, Снежана паднала во кома заради отровното јаболко на лошата вештерка. Џуџињата ја ставиле во стаклен сандак и ја оплакувале. Поминал од тука и еден принц и веднаш се вљубил во неа кога ја видел, и се натажил што задоцнил. И да, знам дека ви кажав дека магијата се крши со бакнеж, ама принцот бил пристоен човек и знаел дека поважно е да добие дозвола за бакнежот, па кога веќе Снежана не била во состојба да ја даде дозволата, фино лепо го одминал ковчегот и си отишол во своето кралство.

Снежана скапала.

Не, мама, не плачи сега, тоа е. Дозвола си е дозвола.“

Ете сега знаете дека и да врне и да вее и ковид да коси, некои луѓе ќе се бават со вакви работи.

Патем, глупото излагање паѓа во вода - за тие што заборавиле, во цртаниот, Снежана стварно се заљуби во принцот пред да избега.

Еве, ѝ пее и она трепка и паѓа во трансови:

5 мај 2021 - 00:00