Во однос на вакцините, сите теоретичари на заговор имаат едно заедничко: изгубена доверба во владата.
Тешко е да се објасни какво е чувството кога некој што си мислел дека го познаваш интимно, почнува да повторува теории на заговор за пандемијата и вакцините. Не можеш одма да сфатиш што се случува: Премногу е обемно и шокантно сфаќањето за да го голтнеш одеднаш. Па поминуваш низ фази. Прво се фаќаш за сламки. Можеби се шегува, или не мислел/а така, или не е информиран/а. Па влегуваш во состојба на жежок, дезориентиран гнев и фрустрација. Кога ќе ти помине, конечно оладуваш. Но во тебе се раѓа ново сфаќање, дека не само што овој човек што го сакаш си го ризикува животот: можеби никогаш вистински не си го познавал.
Луѓето со најлуди теории за пандемијата се наоѓаат и во земји каде што поголемиот дел од народот нема пристап до интернет, кабелска или комерцијални радија. Чест импулс е да се отпишат тие конспирации, да се припишат на жртвите што ги земаат некакви Вацап и Вибер групи, погрешни информации или невидливи проблеми со менталното здравје. Сето ова може да е вистина - но воздржаноста кон вакцините е симптом на поголеми неуспеси. Она што на сите овие луѓе што се чуваат од вакцините им е заедничко низ целиот свет, е што нивната доверба во државата е еродирана. Ако не го разбереме ова, судено ни е да ги канализираме фрустрациите кон одредени луѓе без да сфатиме зошто всушност ја изгубиле таа доверба.
Недовербата оди толку длабоко, што луѓето би поверувале на било каков извор на информација што не доаѓа од владата. Во Судан, помалку од 1% од популацијата е комплетно вакцинирана, а респиратори има и помалку од вакцини. Приказната е слична во неколку африкански земји, каде што вакцините толку малку, што луѓето оставаат сѐ и трчаат до болница кога ќе се појави макар и гласина дека тој ден ќе добијат бесплатно боцкање. Но за многу други, тие ретки животоспасувачки вакцини звучат како нешто предобро за да биде вистинито.
Кога првата донација вакцини стигна во Судан пред неколку месеци, двајца ранливи членови на моето семејство ги одбија, затоа што некој имаше почнато гласина дека заради рестрикциите за струја вакцините не би можеле да се чуваат како што треба и сигурно ‘се расипале’ и станале штетни. Јас и други луѓе се обидовме да ги убедиме дека дури и да е така, најлошо што може да се случи е вакцините да не се ефикасни, а не штетни. Напорите ни беа залудни. Сепак, се држев за тие сламки, во надеж дека кога првите вакцини ќе се примат и нема да се случи ништо лошо, моите роднини ќе се опуштат. Но, тие веќе имаа изговори. Новата пратка била „отфрлена“, ми рекоа, донација од западнњаци што праќаат вакцини во Африка заради ПР, колку да не ги фрлат.
Ова звучи како тотално ирационално однесување, но се работи за спротивното. Во земји како Судан, ништо добро, а сигурно и ништо бесплатно не може да се добие од државата. Владата е оградено тело што не постои за да им служи на граѓаните, туку за да им буричка по џебови и да им наплаќа заради тоа што си бркаат работа. Корупцијата е ендемска - од поткуп за сообраќајни казни, до принуденост да се користат приватни болници затоа што државните не се доволно спремни. Државата е само проблем наспроти кој ти сепак некако успеваш.
И владините комуникации го одразуваат овој непријатен однос. Официјални лица зборуваат со јавноста или за да ја караат, или за да шират пропаганда, а бунтот е забранет; во Египет, докторите што се спротиставуваат на владата во однос на пандемијата се апсат, додека снемува боци за кислород на одделите за интензивна нега во Каиро.
Како да убедиш некого дека достапноста на бесплатни и ефикасни Ковид вакцини е исклучок на правилата под кои живееле цел живот? Дека вакцините се всушност ненадејна појава на дарежливост и компетентност? Сомнежот лесно се појавува бидејќи политичките системи не треба да се тотално авторитарни за да одржуваат експлоатирачки и неискрени режими што раѓаат недоверба. Можеби ви се чини дека има мрачен, скриен мотив за профит зад вакцините за Ковид, ако живеете во САД, на пример, каде што има екстремен политички отпор за бесплатно здравство, невидено профитабилно здравство и фармацевтска индустрија што троши 306 милиони долари годишно на лобирање, и нерегулирани цени на сѐ од вакцини против грип до држење на сопственото бебе откако ќе го родиш. Можете, ако живеете во Велика Британија да се сомневате во ветувањата на владата дека вакцините се ригорозно тестирани, откако ќе видите дека одговорните владини претставници смислуваат правила по пат, влечејќи ја нацијата низ локдауни и кривини, со правила што ни самите не ги следат.
Неуспехот на државата раѓа параноја. А кога ќе се скрши довербата во владата, луѓето се вртат кон себезачувување. Климата на воздржаност и претпазливост е посилна поради лошо регулираните медиуми што тргуваат со лажности. Во Велика Британија, на пример, лажен извештај дека луѓето од етничките малцинства се исклучени од испитувањата за вакцините се „реши“ со една обична исправка во фуснота.
Одбивањето вакцини не се случува во вакуум. Полесно е да се отфрли воздржаноста како конспирација и безумно однесување; така ни е полесно кога гледаме како се неразумни тие што мислиме дека се или треба да бидат рационални луѓе. Секако, меѓу воздржаните има и такви што се едноставно тврдоглави, мизантропи или себични. Но, исто како што пандемијата ги експлоатира слабостите на нашите системи за економија и јавно здравје, воздржаноста кон вакцините ги изложува слабостите на односот на државата со нејзините граѓани. Нема лесни одговори за како да се справиме со тие што повторуваат лажни информации и теории на заговор, но да се критикува системот заради кој ја изгубиле довербата е можеби добар почеток.