Не им се мешам во желбата за среќа на другите во моментов. Ако има нешто што може да ви понуди излез од ситуацијава, или што може да ви го освежи застоениот воздух по дома, слободно - терајте. Ова не е време за осуда, ова е време за сочувство и емпатија.
АМА, ако тоа што сте го избрале за бегање од стварноста е „сложувалка“, тогаш со жалење ќе ве известам дека сте избрале неподнослива „обврска“, достојна само за душите во пеколните огништа на Адот кои Бог ги казнува за грозни злосторства извршени намерно и со исконска злоба.
И баш ми е жал!
Според еден извештај на Гардијан, продажбата на друштвени игри пораснала за 240 проценти во првата недела од затворањето поради коронавирус во Велика Британија. Разбирам. Прво, дел од тие проценти се баш за друштвени игри, а тие знаат да бидат забавни, во зависност од тоа со кој ги играш. Но, бидете внимателни. Открив дека некои од најгласните адвокати на друштвените игри се гласни, затоа што се плашат од здодевност до тој степен што не си дозволиле доволно време да развијат некаков карактер, па потребата за друштвена игра ја пропагираат секогаш кога ќе добијат шанса.
Со вакви не треба да играш друштвени игри.
Ја разбирам дури и потребата да купиш сложувалка. Пред неколку години, кога одмарав во зимска колиба, со камин и вино, една сложувалка што ни ја оставија сопствениците супер ни дојде. Што би можело да биде поопуштено од сложувалка во таа пријатна атмосфера?
Ми требаа околу 11 секунди откако ги истуривме парчињата на земја пред вистината за сложувалката просто да ми се открие.
Сложувалка е неплатен труд од кој никој ништо не добива.
Сложувалка е обврска без никаков резултат.
Сложувалката е забавна еднакво колку и список со малку тешки математички проблеми, за која ни оценка не добиваш.
Сложувалка е трик.
Сложувалка е срање.
Сфаќам дека е малку претерано да се коментира вообичаеноста на една сложувалка, бидејќи сложувалката е толку рандом во самиот нејзин концепт, што не можеш хумор да најдеш во истакнувањето.
Сложувалка е: Спојуваш илјада парчиња од слика што веќе си ја видел. Во ред. За фактот што сложувалка е жива глупоштина, не сум јас крива.
Заедно со сложувалките, една активност што многумина од моето опкружување одлучуваат да ја пробаат е правењето селски леб. Ова изгледа ги нервира луѓето затоа што сите го прават и сите за тоа зборуваат цело време. Ама со лебот, барем добиваш леб на крај. Со сложувалка што добиваш? Само уште една обврска, а тоа е: да ја собереш на крај.
И се разбира, собирајќи ја, губиш делче. Како една прегорена сијаличка во два метра сијалички за на елка, изгубеното делче го уништува целото искуство. И додека сме на темава, да ви раскажам една приказна.
Еднаш, пред неколку месеци, многу рано наутро се возев во Убер со моето куче кон ветеринар. Требаше да му прават операција на скршен лакт. Идејата дека го болеше, а и дека ќе продолжи да го боли во претстојниот период ми беше застрашувачка, ама беше како сон во споредба со другата идеја со која бев опседната - дека ќе оди под анестезија и дека постои шанса да умре. Морав да потпишам секакви формулари дека ова ми е јасно, и таа помисла ме давеше додека седев на задното седиште и го држев. И на ради се слушна реклама - „Доктор за сложувалки“.
Ова ви е сервис со кој, ако ти фали делче од сложувалката, го сликаш, плаќаш од 13 до 19 долари (зависи од големината) - ПЛУС ИСПОРАКА - и две недели чекаш (ДВЕ НЕДЕЛИ!) за „Доктор за сложувалки“ да ти направи реплика на тоа делче што ти фали. Можете ли да замислите? Можете ли да го замислите тој фан на сложувалки како си ја гледа неговата со делче што фали и си мисли, „Па, пред да го соберам ова… се прашувам дали има некој, вака, сервис што може да ми го обнови парчето во рок од две недели и докај 20 долари… Во тој момент бев преблагодарна за апсурдноста на „Докторот“. Се насмеав и на другарка ми ѝ пишав, потсети ме да ти раскажам за посраниот „Доктор за сложувалки.“
Е па, добро де, нели приказнава покажува дека сложувалките се супер, ќе си речете вие. Нели докажува дека не си во право? Не!
Не ни знам точно што сакав да постигнам со приказната. Изгубив компас малку. Доста. Ми ги извртувате зборовите. Идете редете си ги глупите сложувалки!