Не сме направиле ништо погрешно - од каде тогаш чувството на вина?

Постои еден необичен вид вина кој не се појавува затоа што сме направиле нешто погрешно, туку баш кога ќе направиме нешто нормално.

Сме легнале да одмориме наместо да завршиме уште една обврска, сме одбиле покана затоа што не ни се излегувало, сме потрошиле пари на нешто што не било неопходно или сме поминале цело попладне без да направиме ништо особено корисно. Рационално, знаеме дека нема за што да се обвинуваме, но сепак некаде во позадина се појавува она непријатно чувство дека можеби сме требале да направиме повеќе.

Особено кај жените, чувството на вина често се појавува во ситуации во кои не е прекршена никаква морална или општествена норма, туку едноставно е направено нешто што не се вклопува во очекувањето дека треба да бидеме достапни, грижливи и корисни за другите. Една студија објавена во Frontiers in Psychology, која опфатила 604 возрасни испитаници, покажува дека жените почесто од мажите чувствуваат вина поврзана со семејните односи и со сопствената одговорност за благосостојбата на другите.

Тоа е важно затоа што вината не е секогаш едноставна реакција на нешто што сме го направиле - понекогаш е реакција на тоа што мислиме дека требало да го направиме.

Психолозите одамна го поврзуваат овој феномен со начинот на кој девојчињата и жените се социјализираат. Од најрана возраст, жените почесто се охрабруваат да бидат внимателни кон туѓите чувства, да одржуваат хармонија, да помагаат и да бидат „добри“. Со текот на времето, овие очекувања лесно стануваат внатрешни правила, па границата меѓу грижата за другите и чувството дека сме одговорни за нивната удобност станува прилично нејасна.

Оттука и она познато чувство по едно обично „не“. Не мора никој да се налути, ниту некој навистина да биде повреден; доволно е жената да почувствува дека можеби била премногу себична, премногу недостапна или едноставно недоволно добра.

Истражување спроведено меѓу повеќе од 2.600 родители што работат, во девет европски земји, покажало дека жените кои посилно ги прифаќаат традиционалните очекувања за родовите улоги чувствуваат и поголема вина кога работата им го одзема времето што сметаат дека треба да му го посветат на семејството. А токму тука се гледа колку лесно вината може да стане еден вид невидлив механизам за самоконтрола: ако чувството се појави секогаш кога ќе направиме нешто за себе, следниот пат можеби едноставно нема да го направиме.

Така одморот почнува да изгледа како нешто што треба да се заслужи, а времето поминато без продуктивност како време што треба да се оправда.

Интересно е што модерната култура на самоподобрување дополнително го засилува овој притисок. Денес не е доволно само да работиме; треба да бидеме продуктивни; не е доволно да одмориме; треба да знаеме дали сме се одмориле „правилно“ - за ова пишувавме во „Може ли да си признаеме дека сме уморни од постојано подобрување на самите себе?“

Можеби затоа женската вина не исчезнува едноставно со тоа што ќе си кажеме дека „нема причина да се чувствуваме виновно“. Таа често е многу постара од конкретната ситуација и е поврзана со идејата дека добрата жена е онаа која забележува што им треба на сите други пред да се запраша што ѝ треба нејзе.

А реално, веројатно вистинскиот пресврт започнува токму кога ќе престанеме да ја третираме секоја непријатност како доказ дека сме направиле нешто погрешно, затоа што чувството на вина не секогаш значи дека сме преминале нечии граници - понекогаш само значи дека сме поставиле свои.

Замислете вие тоа - граници.

7 октомври 2026 - 00:00