
Некогаш беше доволно да знаеме дали сме спиеле добро. Денес имаме апликација што ни кажува колку минути сме биле во длабок сон, колку ни бил пулсот и дали утрото треба да го започнеме со вежбање или со уште малку одмор.
Не е доволно да одиме - треба да направиме 10.000 чекори; не е доволно да јадеме - треба да знаеме колку протеини сме ставиле во себе; не е доволно да се чувствуваме добро - треба да разбереме кои хормони, витамини, минерали или фази на циклусот стојат зад тоа.
Добредојдовте во ерата на оптимизацијата.
Последниве години ни шиткаат една прилично убедлива идеја: дека секоја област од животот може да биде подобрена ако доволно внимателно ја следиме. Спиењето може да се оптимизира. Кожата може да се „хакне“. Продуктивноста може да се зголеми. Стресот може да се намали со вистинската рутина. Дури и одморот има свој протокол.
И жените, очекувано, добија особено богата понуда:
Утринска рутина.
Вечерна рутина.
Нега во седум чекори.
Следење на менструалниот циклус.
Магнезиум пред спиење.
Протеински појадок.
Пешачење по оброк.
„Хормонски баланс“.
Дигитален детокс.
И, секако, уште една апликација што ќе ни помогне подобро да ја следиме претходната апликација.
Познато?
Проблемот не е во тоа што нешто од ова е бескорисно - напротив - движењето, добриот сон, добрата исхрана и грижата за кожата се сосема разумни работи. Проблемот настанува кога грижата за себе почнува да личи на уште една работа со полно работно време. Можеби затоа последниве години се појавува еден замор од велнес-културата - просто се заситивме од идејата дека секогаш можеме да бидеме уште подобри. Затоа што, еве, паметно е - подобро тело, сон, концентрација; помалку стрес и брчки; повеќе енергија, подобра верзија од себе...
Ама што ако денес сакаме да бидеме баш истата верзија како вчера? Може ли малку пауза?
Толку сме измалтретирани да бидеме нонстоп на копче со тоа подобрувањето, што пауза од сето тоа е веќе радикален чин.
Така што, дозволете си еден луксуз неделава - престанете панично да се подобрувате. Пробајте една недела главно да не се влошувате, и така се може. Работа ни е да се трудиме да станеме подобра верзија од себе, ама не во секоја минута, секој саат и секој ден.
Одморете и не правете штета. И тоа е еден вид подобрување.