„Сатанизмот владее!“ ќе отчукаат милион прсти на стотици илјади тастатури ширум Македонија. „Вратете ја назад, на нејзин трошок!“ ќе допишат, прекрстувајќи се затоа што во тој момент автобусот во кој се возат поминал покрај Соборен храм.
Главниот проблем, гневната македонска публика го гледа во изгледот и однесувањето на пејачката, инаку во своите рани 20-ти и според нив, со „нескромен“ стајлинг и однесување. Но, она што најмногу боде очи е она „покажување рогови“ со прстите; гест што жителите на македонскиот Фејсбук зналачки ќе го протолкуваат како промоција на сатанизмот - нели, рогови, па ѓавол, и слично.
Кога некои од верните сеирџии на глупостите што секоја година ги прави македонската делегација на Евровизија би одвоиле 2 минути време да го изгуглаат потеклото на тој гест со раце, не само што би им се смириле и побиле сомнежите дека Андреа масовно нè води на Мрачна миса, туку и долгорочно гледано - Македонија би била попријатно место за живеење.
Замислете сите да сакаа да се информираат убаво, пред да коментираат!
Кога би посакале да се информираат, би дознале дека „знакот на роговите“ е гест со рака со различни значења, во различни култури.
Во Хата Јога, на пример, се вика Апана Мудра, и се верува дека го подмладува телото. Во класичниот индиски танц, симболизира лав, а во Будизмот се вика Карана Мудра и на него се гледа како гест што протерува демони, отстранува негативна енергија и одбива зло.
Но, да дојдеме понаваму.
Во Италија и други медитерански култури, кога се конфронтирани со несреќни настани, или кога само ќе се спомнат несреќи, луѓето веднаш се фаќаат за „знакот на рогот“ за да се спречи понатамошна лоша среќа, многу слично на нашето „пу, пу“, „чукни во дрво“ и „мрдни се од место“. Се користи традиционално и за да се одбие „урокливо око“, нешто што нашите баби пак, го решавале со везови на грбовите на кошулите. Дури и претседателот на италијанската република, Џовани Леоне ја има шокирано јавноста кога за време на епидемија од колера, се ракувал со пациент со една рака, а со другата зад грб ја направил „корната“, веројатно во надеж дека ќе се заштити од болеста, или како реакција на средбата со таква несреќа.
Не дека и новопечените сатанисти не го искористиле, де. Сатанистите на ЛаВеј на пример, така се поздравуваат.
Доаѓаме до хеви метал културата. Рони Џејмс Дио е познат по тоа што го има популаризирано знакот на рогот во хеви металот. Тој има кажано дека неговата баба-Италијанка го користела за да - веројатно ви е јасно - ги одбие урокливите очи. Почнал да го користи кратко откако се придружил на Блек Сабат, каде што Ози Озборн веќе долго бил познат по користењето на гестот за мир, со кренати показалец и среден прст, за да се формира V. За да се поврзе некако со фановите, и Дио посакал да направи гест, но не сакајќи да го копира Ози, го избрал италијанското „пу, пу“ на баба му.
Понатаму, знакот станува својствен за фановите на хеви металот.
Во интервју од 2001, Дио има кажано:
„Се сомневам дека сум прв што го направил тоа. Тоа е како да кажете дека сум го измислил тркалото, сигурно некој тоа претходно го има направено. Можеби може да се каже дека сум го ставил во мода. Многу го користев, многу често и стана заштитен знак, додека не почна да го користи и публиката на Бритни Спирс. Па, малку го изгуби значењето. Јас бев во Сабат тогаш. Беше симбол што мислев дека ги рефлектира вредностите на бендот. Не е знакот на ѓаволот, како да сме ние со ѓаволот. Италијанска работа е што ја научив од баба ми, malocchio. Се користи за да се одбие урокливо око, или да се направи урокливо око, зависи како го правиш. Обичен симбол е, но има магиски став, па тоа добро функционираше со Сабат. И стана забележливо, и потоа сите почнаа да го користат и толку требаше.“
И за крај, „Те сакам“ на американски знаковен јазик:
Чисто информативен бонус - Заповедите на Сатанистичкиот храм:
1. Однесувај се со сочувство и емпатија кон сите суштества, во согласност со разумот.
2. Борбата за правда е постојана и потребна битка што треба да ги надминува законите и институциите.
3. Телото на човекот е само негово и одговара само на неговата волја.
4. Слободите на другите треба да се почитуваат, вклучувајќи ја и слободата за навреда. Ако своеволно и неправедно ги оспоруваш слободите на другите, се откажуваш и од своите.
5. Верувањата треба да се формираат според научното разбирање на светот. Никогаш не смеат да се извртуваат научни факти за да ни одговараат на верувањата.
6. Луѓето прават грешки. Ако човек направи грешка, должен е да направи сѐ што е во негова моќ да ја исправи и да санира било каква предизвикана штета.
7. Секоја заповед е водечки принцип дизајниран да инспирира благородност во делата и мислите. Духот на сочувствителноста, мудроста и правдата секогаш треба да водат пред пишаниот или кажаниот збор.