Науката на виткање подароци - и зошто неуредното е подобро

Секој Божиќ, светот троши милијарди долари на виткање подароци за да изгледаат што е можно подобро. Потрошените пари одат на хартија, кутии, ленти и машни. Некои луѓе се особено стручни за виткање, но нè има и такви што не нè бива многу, па гледаме да си најдеме друга занимација за да помогнеме во спремањето околу празниците.

Сепак, дали вреди вложеното време и напор? Дали презентацијата на подарокот ќе предизвика повеќе да му се допаѓа на човекот што ќе го прими?

Има дури и труд објавен во Журнал на потрошувачка психологија во 2019, со три експерименти што го истражуваат резултатот на виткањето подароци.

Првиот експеримент вклучува 180 студенти кои биле поканети во бихејвиорална лабораторија во Мајами за да учествуваат во истражување опишано како вежба за поени на факултет. Кога пристигнале, на сите им дале подарок како знак на благодарност што учествуваат. Подарокот бил шолја за кафе со лого на еден од два кошаркарски тимови - Мајами Хит и ривалот Орландо Меџик. Знаеле дека сите учесници се фанови на Хит и дека експлицитно не ги подржуваат Меџик од претходни анкети. Намерата била на половина од студентите да им се даде пожелен подарок, а другите да добијат нешто што не го сакаат.

И на крај, половина од подароците биле фино спакувани, а другите неуредно.

Откако ги одвиткале, учесниците оценувале колку им се допаѓаат подароците - тие што добиле неуредно завиткан подарок биле многу позадоволни од тие што добиле убава амбалажа, без разлика каква шолја добиле.

За да разберат зошто, научниците собрале друга група студенти и побарале од нив да погледнат слика од уредно или неуредно завиткан поклон, па да известат околу очекувањата.

Прво им рекле да замислат како го отвораат подарокот, што за сите бил JVC безжични слушалки и да го рангираат ставот, што за истражувањето би овозможило да се спореди дали им се исполнети очекувањата.

Резултатите покажале дека очекувањата биле многу повисоки за уредно завитканите подароци, во споредба со неуредните. Но, по откривањето, учесниците пријавиле дека уредните не им ги исполниле очекувањата, а неуредните ги надминале.

Ова налага дека луѓето по пакувањето одредуваат каков подарок ќе добијат. Фино виткање ги зголемува очекувањата и те тера да очекуваш дека ќе добиеш одличен подарок. Неуредноста пак прави луѓето да очекуваат слаб подарок, па води до пријатно изненадување.

Третиот и последен експеримент го правеле за да видат дали ефектот зависи од односот со тој што подарува и тој што прима подарок. Од 261 возрасен човек побарале да замисли дека е на забава каде што тајно се разменуваат подароци и им покажале слики, за да замислат дека добиваат добро или лошо завиткан подарок. Овој пат, едни добиваат и инструкции да замислат дека подарокот е од близок пријател, а други дека е од познаник. На крај, го откриваат и треба да дадат оценка.

Во случајот на пријател, учесниците рекле дека повеќе им се допаѓал лошо завитканиот подарок, исто како и во претходните експерименти. Од познаник, повеќе сакале да е уредно завиткан. Ова доаѓа од причината што учесниците го користеле начинот на виткање како мерка за тоа колку тој што дава го цени нивниот однос, наместо да сигнализира што има внатре.

Значи, ако се потресувате околу антиталентот за виткање годинава, размислете да заштедите време, пари и напор и да не му ја мислите многу, додека сте меѓу блиски. Сепак, еве научни докази дека ако подарувате на колеги, или едноставно познаници, можеби вреди да се потрудите малку околу амбалажата.

26 декември 2023 - 10:36