Научивме што е „тригер“ - но, што е „глимер“?

„Тригер“ си влезе во редовна употреба во културниот лексикон, но малкумина имаат слушнато за спротивната варијанта: глимер.

Го смислува Деб Дејна, клинички социјален работник, што специјализира комплексна траума. „Глимери“ (на македонски - сјај, сјаење, зрак светлина) се оние мали моменти кога нашата биологија е во состојба на конекција или регулираност, што предизвикува нашиот нервен систем да се чувствува безбедно или смирено.

„Не зборуваме за големи, експанзивни искуства на радост, безбедност или конекција,“ вели таа. „Ова се микро-моменти што почнуваат на многу нежен начин да го формираат нашиот систем.“

Концептот се има залепено, а мерило за тоа е популарноста на ТикТок.

Примери за глимер има на различни места и во различни чувства. Да речеме, кога си во природа и ѝ се восхитуваш на сопствената градина, или гледаш ѕвезди. Кога ќе забележиш насмевка кај непознат, или топлина во гласот на некој што ти е драг. Кога те тешат миленици. Кога ќе си ја чуеш песната на радио.

„Чувствуваш нешто во себе,“ вели Дејна, „една енергија што се случува околу тој глимер, и мозокот тоа го забележува.“

Според друг социјален работник, Ејми Морин, нашите мозоци имаат тенденција да го бараат лошото, особено жртви на траума. Да се внимава на опасности нè одржува физички безбедни, но, бидејќи веќе не се криеме по шуми, бегајќи од гладни животни, не мораме да се фокусираме на негативното за да останеме физички безбедни.

Концептот на глимерите е дека постојаното препознавање на мали, позитивни моменти може да почне да ни го оформува системот. Оваа промена кон препознавање и на „светлата страна“ може да има позитивно влијание и на умот и на здравјето.

„Многу е паметно да направиме пауза од неудобните емоции повремено,“ вели Морин. „Малку радост и релаксација може да го намали емотивниот товар.“

Како да се „искористат“ глимерите?

Се почнува со малку и не мора многу пракса. Обично, кога ќе откриеш дека постојат, почнуваш да бараш уште. Постои и нешто што се вика намера за глимер - да решиш дека ќе најдеш уште еден глимер пред ручек, на пример.

Може дури и да се води дневник за глимери. А бидејќи сме створени за конекции со луѓе, ако најдете човек што „ќе лови глимери“ со вас, уште подобро.

„Понекогаш, луѓето не сакаат да ги почувствуваат добрите емоции, затоа што знаат дека нема да траат, или затоа што чувствуваат вина за нив кога минуваат низ тешки периоди во животот. Но, верувајте дека е во ред да си дозволите да ги искусите. Уживајте додека траат. И бидете свесни дека ќе ги има уште во иднина.“

5 април 2022 - 00:03