Од „Студиото Б Северин“ дизајнираа три парчиња накит наменети за помош во секојдневната чистачка рутина, како дел од еден холистички пристап на животот.
Ова вака сакаат тие да го претстават, ние знаеме дека се работи за иницијатива за освестување дека треба да чистиме зад себе и дека сигурно никој нема да чисти со привезокот, а уште посигурно е дека никој не разбира што точно е холистички пристап кон животот.
Ама еве сме, дискутираме за тоа колку треба да си говедо да правиш ѓубре, или пак, ако случајно го направиш - колку треба да си говедо да не го собереш.
Идејата на студиото е дека можеш и зад некој друг да собереш, не само зад себе, меѓу другото. Од таму и златните напрстоци што ќе те заштитат, за кожата да не ти се зарази со сељаштина од тој што фрлил пред тебе. Поточно, се обидуваат да ни доближат една идеја. Дека тоа „не сум ја ѓубреџија“ што си го викате во моментов нема врска, и дека коа чистиш зад себе, чистиш - за себе.
Тоа е околу прстените, што мораме да признаеме изгледаат врвно.
Освен тоа, има нараквица - со ракавица, за да си забришеш прашина по дома. Знаеме дека нема со тоа да бришете прашина, туку со купечка крпа, а некои од вас се колнат и во „таа една стара маица исечена на парчиња, немаш поима како брише!“ ама мора да се признае дека им текнува. А им текнува, затоа што се Јапонци.
Третото е ланче, со привезочетина огромна, на која што има мало сунѓерче, што можеш да си го испереш и да го исчистиш лицето. Сето ова во духот на рециклирање, одговорност кон природната средина и освестување за ѓубрето што (не треба да) го правиме.
Од студиото велат:
„Чистењето како пракса е прв чекор кон разбирање дека нашето преживување зависи од преживувањето на планетата. Мораме одново да го изградиме концептот на нашиот однос кон неа и максимално да учествуваме. Преку чистењето, изразуваме колку се цениме и почитуваме себеси, другите и нашето директно опкружување. Учиме одново да се поврземе со физичката околина и да ја внесеме во себе со тоа што активно ќе се вклучиме во неа. Чистењето ја менува нашата свест и перцепција. Промовира независност, помагање и обзир. Покрај тоа, учиме и да ја поврземе нашата акција со реакција и ефект. Потребно за одржување на здрав еквилибриум, чистењето е дел од нашиот живот како постојан циклус.“
Мора да им се признае дека тотално убоделе, без разлика дали ќе стигнеме да го набавиме накитот или не.
Чисти ја околината.
Чисти го домот.
Чисти се себе.
Фантастична филозофија, како и да свртиш.