Најубавата љубовна приказна во книжевноста е на Толкин и Едит Брат

И почнува во сиропиталиште.

Авторот на „Господар на прстените“ и неговата сопруга Едит се запознале додека живееле во истиот дом за деца и нивната поврзаност траела цел живот.

Во 1908 во Бирмингем, шеснаесетгодишниот сирак Роналд (тоа е едно Р од Џ. Р. Р. Толкин) живеел во дом. Таму ја запознал Едит која исто така живеела во домот и почнале многу да се дружат, да одат на тивки прошетки и да си споделуваат тајни. Нивниот однос од ден на ден се продлабочувал, но почнало да станува тешко. Старателот на Толкин, отец Френсис не бил пресреќен околу таа врска - Едит била протестантка и малку постара од Толкин и отецот не одобрувал. Им рекол дека не смеат ни да се гледаат, ни да си пишуваат.

Кога Толкин наполнил дваесет и една година во 1913, една од првите работи што ги направил, била повторно да ја контактира Едит која се имала отселено. И како воопшто да не поминало време, се споиле и веднаш се вериле. Се венчале во 1916 и нивната љубовна приказна траела повеќе од 50 години.

Не им било секогаш лесно. Почнала Првата светска војна и Толкин морал да оди на фронт. Во тие тешки моменти, писмата на Едит му давале живот и го потсетувале на љубовта и нормалниот живот по кој копнеел додека сведочел на ужас.

Понатаму, Толкин станува професор и почнува да создава фантастични книжевни светови, а Едит е постојано покрај него. Таа е инспирација за еден од најубавите ликови, Лутиен Тинувиел во „Силмарилион“. Љубовната приказна на Лутиен со смртниот Берен со сите нивни предизвици и жртви многу личи на раните денови од врската на Толкин и Едит и на нивната силна љубов.

Родиле четири деца, се бавеле со делата на Толкин и секогаш се подржувале. Едит му била стабилност и топлина, што пак му давало можност да создава. Ѝ ги читал своите приказни додека ги пишувал и нејзиното присуство било голем дел од неговиот креативен процес.

Кога Едит починала во 1971, Толкин бил скршен. На надгробната плоча побарал да ѝ се напише Lúthien. Кога починал тој, му напишале Beren на неговата.

Во едно од другите дела, ќе напише:

„Подраго ми е да делам еден животен век со тебе, отколку да се соочам со сите ери на овој свет самa.“

И токму таква му била љубовта со Едит.

8 април 2025 - 09:05