Дали сме секогаш способни да се посветиме максимално на работата, дури и кога имаме желба? Науката вика - не баш.
Позитивно: Над 40, работата се завршува и за три работни дена.
Негативно: Ваквите студии никој не ги есапи, колку и да се точни.
Признавале ние или не (признаваме), како што старееме, губиме многу од енергијата и импулсот за работа. Изминатото време нè прави помирни и позрели, но концентрацијата и одлучноста да вложуваме напор и да достигнуваме одредени цели се намалува како што поминуваат годините. Ова се разбира е апсолутно нормално, затоа што ни телото ни умот не се свежи и енергични како кај помлад организам.
Едно истражување, објавено неодамна во Melbourne Institute Worker Paper, заклучува дека луѓето постари од 40 години не би требало да работат пет дена во неделата.
И токму според ова истражување, работник од оваа возрасна група манифестира најголема продуктивност ако работи три дена во неделата, па затоа и препораката е токму таква.
Научниците од „Институтот за применета економика и социјални истражувања” во Мелбурн кои ја изведуваат оваа студија, испитуваат работни навики и резултати од тестирања на мозок на 3000 мажи и 3500 жени во Австралија, сите на возраст од над 40 години.
Како фактори се земале финансиската и психичката состојба, типот на семејни структури и професијата. По детална анализа, се дошло до заклучок дека 30-часовна работна недела нуди повеќе придобивки за когнитивната функција, додека работење над 30 часа покажува пад во способноста и перформансот.
The Independent го објавува мислењето на еден од тројцата автори на истражувањето, проф. Колин Мекензи од Универзитетот Кејо:
„Многу земји ја креваат возрасната граница за пензионирање, што значи дека повеќе луѓе работат во подоцните фази од животот.”
За ова вели дека е меч со две острици:
„Степенот на интелектуална стимулација може да зависи од работните часови. Работата може да биде меч со две острици, во однос на тоа дека стимулира мозочна активност, но истовремено, долгите работни часови значат и умор и стрес, што потенцијално оштетува когнитивни функции. Истакнуваме дека разликите во работните часови се важни за да се одржи когнитивното функционирање кај средовечни и постари луѓе. Ова значи дека на средна и постара возраст, скратеното работно време може да биде поефикасно.”
Од сè ова, ние разбравме „викенд од четврток до недела” и сега таму ни е паметот.
А од сега и на вас.