На Стефано Габана му е преку глава

Така барем може да се заклучи од последните негови хирови на социјални мрежи, без грам присуство од она „каење” после направена беља што е толку модерно сега.

На кратко, во саботата се омажи Кјара Ферањи, феномен на светскиот моден блогерај, чиј што бренд, The Blonde Salad, е толку добро развиен што се изучува на Харвард во рамки на бизнис студии.

Со оваа кратка историја, веројатно ви е јасно дека свадбата не беше во Континентал. Беше на Сицилија, со роднини и пријатели, со три сменети фустани, еден од Диор, и приватни летови на Ал Италија.

Зошто тогаш на Инстаграм пост, баш со фустанот од Диор, Стефано Габана коментира „евтино”?

Не му е ни прв пат.

Пред некое време, му здосади и од вредностите што ги означува Селена Гомез (инаку најследената личност на Инстаграм), па на еден пост со нејзе искоментира дека е „баш грда”. И дека „личи на померанец.” И додаде „Па стварно.”

Можно ли е на човекот, кој припаѓа на некое поинакво време кога луѓето не беа толку свилени, а и не се инсистираше дека „сите се убави и совршени на свој начин” да му здосади од модерната политичка коректност која не само што не го олесни времето во кое живееме туку секојдневно го тероризира?

Најверојатно. 

Фановите на луѓето што ги закача веќе на големо коментираат со онаа мерачка, научена изјава „Готов е!” само што, како што често бива со луѓето за кои се употребува - некако не е. И не се ни обидува да се извини, без разлика што од некоја причина тоа им е многу битно на фановите на Гомез која не ни изреагира на коментарите.

Нам ни останува да се надеваме дека повторно ќе дојде време кога луѓето ќе бидат со подебела кожа и нема да имаат потреба некој нонстоп да им се извинува. И да пратиме луѓе што вака витешки се борат со таа ужасно досадна политичка коректност што почна и шали на сопствена сметка да зема на душа.

5 септември 2018 - 12:25