Еротиката не отстапува пред идеолошките агенди. Колку повеќе сакаш да ја конторлираш сексуалната литература, уметност и фантазии и да ги наметнуваш твоите политики на тоа, толку помалку секси стануваат. Затоа и не сум изненадена што дознав дека „воук“ верзијата на Плејбој пропадна - вака го почнува својот есеј Роан Пелинг за Телеграф.
Обновена верзија со нула-голотија, со постери од Лизо и родово-неконформираната поп-ѕвезда Халси, додека Плејбој-зајачиците се ребрендираа во бренд-амбасадори. Па, првиот трансродов плејмејт, Инес Рау, после смртта на Хју Хефнер. Па, прогресивниот миленијалски уреднички тим - две жени и еден геј маж, што рекоа:
„Денес се трудиме да бидеме поинклузивни, ширејќи ги и редефинирајќи ги уморните, и искрено сексистички дефиниции на убавина, возбуда и еротизам.“
Кога ќе размислиш - сексуалноста вулкански еруптира од било каква форма на притисок: религиозен, политички, културолошки, или просто минливата тиранија на родовата полиција. Огромната маса историска еротика, од симболите на плодност, до експлицитните мурали од бордели во Помпеја, и до првиот Плејбој во декември 1953 со Мерилин Монро на насловната, го прави непобитен фактот колку се конзистентни експресиите на човековата страст.
Факт е дека поголемиот дел од еротските содржини имаат идеализиран поглед на човечката фигура. Геј-еротиката (втората по големина и восприемање после стрејт) е исклучително постојана низ вековите, со фетишизација на прекрасни млади тела, дефинирана мускулатура и истакнати гениталии. Многу такви слики има од Св. Себастијан во класичната уметност и сè уште предизвикуваат воздивнувања.
Еволутивните биолози велат дека сме програмирани да реагираме на одредени знаци на здравје и плодност во нашите еротски фантазии и покрај морализаторите што нè караат што така размислуваме. Затоа и е совршено рационално што жените што ги познавам на возраст од 50 до 70, се лигават по Лео Вудал, 28-годишната ѕвезда на новиот филм за Бриџит Џонс. Затоа и хетеросексуалните жени тврдат дека симпатиите треба да им се чувствителни и феминисти, за после да паѓаат во несвест по извајани типови голи до појас.
Вака и се објаснува фактот што наметнувањето на современите, повеќе-родови идентитетски политики на Плејбој не покажаа епски успеси. Си признаа пораз и одново го лансираа за „добрата, стара“ машка публика, со барбики на слики и нескриена голотија. Новата зајачица Џилијан Нејшн вика: „Јас сакам мажествени типови. Јас сум многу женествена па ми се допаѓа контрастот.“
Како да ја осмислила владата на Трамп.
„Нема да почнам да читам Плејбој, затоа што мојата лична перверзија е имагинативна, книжевна еротика со интензивно флертување,“ завршува Пелинг. „Но, не би ни сонувала да го наметнувам мојот вкус на кој било друг: Нема ништо помалку секси од тиранија.“