
Меѓу другите начнати теми, зборуваше за посетата на Израел пред десет години, каде рече дека ја поддржала палестинската кауза и Луис Фарахан, и покрај неговиот наводен анти-семитизам.
„Мислев сè што кажав за Луис Фарахан,” му кажува таа на новинарот Дејвид Марчис. „Но јас не сум анти-семитист. Не знаев ни што значи пред да ме наречат така. Јас сум хуманист. Гледам добро во секого. Сум видела добро и во Хитлер.”
Забезекнат, Марчис вика: „Како, како?”
„Да, така реков,” продолжува Баду со својот проблематичен исказ. „Хитлер е прекрасен сликар.”
„Не, не е!” се буни Марчис, „Дури и ако бил, каква врска има тоа со „доброто” во него?”
Овде Баду се зафаќа со објаснување на нејзините гледишта, гласно размислувајќи дека, Хитлер најверојатно имал ужасно детство и дека сочувствува со малтретирано дете. „Веројатно зборува Рибата (хороскопскиот знак) во мене.” Марчис на ова коментира дека ако се фатиш за идејата дека „и Хитлер некогаш бил дете” веќе навлегуваш од емпатија во празна апстракција.
„Можеби,” одговара Баду. „Тоа не ги тестира моите граници – јасно ми е.” И додава нешто што веќе почнува да има логика: „Не ми е гајле дали цела група на луѓе има некакво тврдење, јас сум искрена. Знам дека мислењето не ми е секогаш најприфатливо.”
Подоцна Баду реагираше во серија твитови, каде што повторно кажа нешто важно: „Зборувајте што сакате. Да се има дијалог е супер.”
Во денешно време, кога навредените се насекаде и во секоја сфера, Баду со изјавава е своевиден Хитлер. Па сепак, таман човек да ѝ прости заради тоа со дијалогот, Баду има нова, чудна изјава:

„Многу го сакам Бил Козби. Ми се допаѓа тоа што го има направено за светот. Но ако е болен, зошто да му се лутам? За луѓето што се повредени ми е криво. Сакам да се чувствуваат подобро. Но болните луѓе прават зли нешта – повредуваат луѓе. Знам дека ќе ме распнат за ова...”
Што е тоа кај Ерика Баду што ѝ овозможува вака да размислува (и тоа гласно) во денешниов свет?
Фановите ја познаваат како личност што функционира на сопствена бранова должина. Таа вели дека нејзиниот начин на размислување може да влече корен од хороскопскиот знак и „реалноста на когнитивна дисонанца” во која живееме, плус „менталитетот на стадо”.
„Сакаме да живееме на одреден начин, или да правиме нешто, а не го правиме тоа, затоа што сме емотивно приврзани за размислувањето на групата,” вели таа. „Менталитетот на стадо ја презема командата. Но ти во себе знаеш што е правилно и ако си доволно силен да се одвоиш, понекогаш може и ќе успееш да го направиш вистинското.”
Од кај ни е познато ова „менталитет на стадо”?