На Борат 92 пати му викале полиција

За време на снимањето на Borat: Cultural Learnings of America for Make Benefit Glorious Nation of Kazakhstan, на Саша Барон Коен 92 пати му викале полиција, а ФБИ оформиле случај поради пријавите дека „некој тип од Блискиот исток патува низ САД со камионче за сладолед.“

Ликот му е базиран на руски доктор што го имал запознаено, за кој има кажано дека бил „неверојатно пресмешен, тотално ненамерно“. Комбинацијата на искреност и апсурд подоцна ќе стане просто - Борат.

Јазикот на кој зборува во филмот воопшто нема врска со Казахстан - Барон Коен зборува хебрејски со тежок лажен источноевропски акцент, а кога Азамат Багатов му враќа, му зборува ерменски, бидејќи актерот Кен Давитијан е Ерменец.

Филмскиот Казахстан, така апсурдно и навредливо прикажан, нема речиси никаква врска со вистинската држава. Продуцентите дури во официјалната изјава наведуваат дека немаат намера да прикажат вистински верувања, практики или однесување на луѓе поврзани со Казахстан. Сцените што го прикажуваат родното село на Борат биле снимени во ромското село Глод во Романија, а името на неговиот сосед, Нурсултан Тулакбај, е комбинација од имињата на тогашниот казашки претседател Нурсултан Назарбаев и опозицискиот политичар Жармахан Тулакбај.

Понатаму се сеќавате дека филмот беше обвиен во контроверзи, еден куп учесници тужеа откако излезе, беше забранет во Казахстан и сите арапски земји освен Либан, но подоцна Казахстан се предомисли и го прифати Борат како маскота, а слоганот како магнет за туристи: Very nice!

Вчера Саша Барон Коен наполни 54 и моментално, според Гардијан му се случува некаква (фитнес) ренесанса.

14 октомври 2025 - 13:24