Сега има 43 години и две деца, во моментот кога добила порака за пресудата, бидејќи е Русинка, морала да ја праша ќерка ѝ дали добро чита на англиски дека е осуден.
Харви Вајнстин ја силувал во 2013. Од четирите жени за кои беше обвинет, само за Чернишова му пресудија, а обвиненијата се силување, принудна орална копулација и пенетрација со објект и доби плус 16 години од изречените 23.
Чернишова е родена во Сибир и со манекенство почнала да се бави на 15 години. Како дете сакала да биде акушерка, но откако победила на локален натпревар за убавина, добила договор и почнала да се шета по светските модни писти, за на крај да заврши во Италија, да се омажи и да добие дури и некои мали улоги како актерка.
За време на Оскарите во 2013, Чернишова го видела Вајнстин, кој го имала запознаено на некој собир во Рим, на филмски фестивал. Вајнстин се претставил, заборавајќи дека веќе се запознале и Чернишова не помислила ништо посебно. Се вратила сама во хотелот, се пресоблекла и добила повик од рецепција дека има гостин.
„Слушнав дека некој гласно зборува во позадина, па го грабна телефонот и рече, Харви е, треба да зборуваме.“
Не ѝ било јасно, па му рекла дека утредента можат да зборуваат. Неколку минути подоцна, тропал на врата, викал „Харви Вајнстин е, отвори, нема да те ебам, само да разговараме.“
Сè уште не мислела дека е во опасност (на деловно патување и мажена), само ѝ било срам и непријатно и сакала да престане, па отворила.
„И токму за тоа зажалив и жалам веќе 10 години,“ вели таа, „дека ја отворив вратата. Влезе и веднаш седна. Рече, само разговараме, ништо не се случува, зошто толку се потресуваш?“
Чернишова прво се обвинувала за лошиот англиски, дека можеби нешто било недоразбрано. Му ја покажала бурмата и зборувала за децата, за појасно да каже дека не му е достапна и сакала да си оди.
Ја нападнал во спалната, па ја одвлекол во бањата и таму ја силувал. Потоа ѝ рекол дека ќе ѝ прати карти за некој настан и си отишол.
„Се чувствував многу, многу валкано и сакав да умрам.“
Била во депресија, се обвинувала себеси, полудувала. Смета дека вината што ја чувствувала била од културолошки и генерациски причини. Била воспитана да мисли дека ако нешто лошо ѝ се случи, таа има згрешено и е нејзина одговорност, како што и бива во заостанати средини.
Се свестила дека треба нешто да се направи кога ќерка ѝ ѝ се доверила дека била сексуално нападната и отпрвин мислела дека „нема да ја разбере“. Ова било четири години подоцна и дури во 2017, Чернишова пријавува во полиција, откако ќерка ѝ пријавува и откако, по неочекуван сплет на околностите, приказната за Вајнстин излегува на виделина и сфаќа дека не е единствената жртва.
За време на судењето, адвокатите на одбраната ја малтретирале и ја понижувале, но токму нејзината прибраност ја убедила поротата, што не било случај со останатите три жени, од кои една не успева да ги убеди, а за две не постигнале пресуда. Чернишова им верува на сите.
После премрежијата, Чернишова менува кариера, има бизнис за цветни аранжмани и станува лиценцирана бабица - има донесено на свет над 60 бебиња.
Денес, заедно со ќерка ѝ размислуваат да отворат фондација и да им помогнат на други како нив.