Мрачната страна на еден ТикТок тренд

Повремено ќе се појави, а е многу популарен трендот на stay-at-home girlfriend, или девојка домаќинка, што нема кариера, туку се грижи за куќата и дечкото додека тој работи и ја издржува. Исто како сопруга и домаќинка, минус бракот. Но, што после раскинувањето?

Трендот опфаќа видеа каде што девојките-домаќинки го споделуваат нивниот начин на живот. Главно се од типот - станува сабајле, мести кревет, му прави смути, си седи, чисти, потсредува, спрема ручек, ќе се прошета, ќе пазари… Ништо ново и невидено, иако чудно како за денешно време, а најчудно - што е некаков тренд. Се обидоа да му дадат и позитивно значење - легитимен избор за жени што не се многу заинтересирани за кариера, што сакаат мек, женствен живот и да бидат згодни домаќинки.

Сепак, ова е ризичен начин на живот, во време кога не постои „сигурноста“ што ја нуделе традиционалните вредности од пред 50-100 години - трпењето на недоволно добриот заеднички живот затоа што разделување е брука. Животниот стил изгледа блескаво - тој заработува, а ти уживаш во животот, но, како и во сите варијанти на овој начин на живот - може да ти раскине, а ти да останеш без сигурносна мрежа. И кога веќе решаваш да ја предадеш финансиската независност за да станеш девојка-домаќинка, некои работи треба да ти се разјаснат.

Лајфстајл-инфлуенсерката Бела Гринли на својот ТикТок сподели дека после три години како девојка-домаќинка, сфатила дека тоа не е живот што треба да се посакува.

„Ако плаќа за целиот твој живот, а ти немаш никаков приход, наскоро ќе се појави незадоволство. Мило ми е што бев млада, не родив деца, не се омажив и можев да го почнам животот пред да потрошам уште години со седење дома. Ако му дадеш на маж моќ да те храни, му даваш и моќ да те изгладнува.“

За своето искуство таа вели дека се случило постепено. Почнала да се гледа со дечкото за време на Ковид, кога била невработена, а како што поминувало времето станува сè позависна финансиски од него. Сите мислеле дека живее среќен, мирен живот. А вели дека чистела повеќе отколку што треба, само за да се забавува, немала многу работа и полудувала, а почнала и да гази по јајца околу дечкото затоа што имал моќ да ѝ го одземе тој начин на живот.

Ситуацијата станала јасна кога сфатила дека ја изневерува и ѝ било тешко да си отиде затоа што тој ја издржувал и морала да направи план.

Се вселила кај татко ѝ, почнала да работи како бебиситерка за да надокнади за парите од видеата на тема „девојка за по дома“ и на крај сепак успеала да се врати на креатор на содржини со полно работно време. Има нов дечко, но не се откажува од финансиската независност.

Вакви како Бела Гринли има многу и често ги раскажуваат нивните приказни што секогаш почнуваат од едно освестување дека се зависни од некого, а денешниот свет тоа едноставно не го дозволува.

Финансискиот експерт Фарнуш Тораби ова го нарекува една од најдобрите финансиски измами. Кога си сопруга, по разводот барем имаш право на било каква издршка, поделба на имот или што веќе имало во бракот. Кога си само девојка, а се потпираш на неговите финансии, ако сето тоа заврши - остануваш без ништо.  Иако има феминизам во тоа да избереш што сакаш, без разлика што би те ставило и во таква ситуација, феминистички е и да имаш финансиски план затоа што живееме во свет каде што парите се моќ.

„После раскинувањето, најважно е да почнеш сама да заработуваш, макар да значи тоа дека ќе се вратиш кај твоите, или ќе спиеш на кауч кај другари,“ вели Тораби. „Знам дека нема сите да се согласат со мене, но јас сакам сите жени да бидат финансиски независни. Живееме во капиталистичко општество. Ако немаш пари, ништо не можеш да правиш.“

22 март 2024 - 09:51