Мозокот ни скапува од глупи онлајн содржини

Има и сленг за тоа - brain rot, буквално гниење на мозокот - и ич не е на арно.

Сè повеќе научни докази има во последнава деценија дека консумирање на оглупувачки содржини кои се производ на алгоритмите на социјалните мрежи буквално можат да ја намалат количината на сива маса во мозокот. Ова доаѓа и во комбинација со намален опсег на внимание и послаба меморија.

Супер.

Еден од најгрдите составни делови на оваа појава е имплементацијата на можноста за „бескрајно скролање“ во апликациите, што е направено со намера да се потхранува нашата желба бескрајно да консумираме содржини.

Микоел Мошел, водечкиот автор на мета-анализата што ги документира невропсихолошките влијанија на лошата употреба на екраните вели:

„Ова значително може да го влоши вниманието и егзекутивните функции со тоа што ќе ни го оптовари фокусот и ќе го промени начинот на кој го примаме светот и реагираме на него. Се работи за последица на природната тенденција на нашиот мозок да бара нови нешта, особено кога станува збор за потенцијално штетна или страшна информација, што е особина што некогаш ни помагала да преживееме.“

Некои истражувања укажуваат и на тоа дека дигиталното консумирање предизвикува дисоцијативна состојба, што пак е објаснување за тоа зошто често губиме осет за време кога сме залепени за телефоните. Компулсивно консумирање на дигитални содржини води и до лоши резултати за физичкото и психичкото здравје и високи нивоа на стрес - оттаму и препораките да не се дозволува на помлади од 13 години да имаат профили на социјални мрежи.

Долгорочно гледано, doomscrolling-от ни ја деградира способноста да се концентрираме на една задача подолги временски периоди, способност која е поврзана и со процеси на академско учење.

Најстрашни се физичките ефекти на мозокот. Во делови од мозокот поврзани со носење одлуки, процесирање на награди и контрола на импулси, мета-анализата на Мошел покажува дека претерана употреба на интернет е поврзана со намалување на волуменот на сивата маса.

„Овие промени рефлектираат шеми што се гледаат при зависности од супстанци,“ вели тој.

Значи, време е да се подзаборави телефонот малку.

9 јануари 2025 - 00:00