Може ли хеланки за на работа?

Во идеален свет да. Во нашиов… Ај да видиме.

Веќе како да сме со години во карантин и толку голема работа стана „облеката за по дома“, што големите модни куќи веќе се преадаптираа со дизајнерски тренерчиња и хеланчиња.

Сепак, светот веќе (се најавува дека ќе) се враќа во нормала, или ако сакате, најубавото, најпосакуваното, најнедостижното старо нормално, што значи дека и тие што не престанаа во текот на целата пандемија да работат од дома, можеби ќе се враќаат.

Дали ќе се враќаат сосе хеланки?

Според Космополитен, хеланки наместо панталони е врвно задоволство, но за на работа - не вреди. Бидејќи, без разлика како ви е на вас во нив, некој сигурно ќе каже дека се непрофесионални. Ќе си речете „гајле ми е“, ама можеби баш тој некој е човек што треба на некој начин да се импресионира, и тоа баш на денот кога ќе влезете во хеланки и сако како комбинација.

Комфорот е важен колку што е неважно туѓото мислење за вашите избори и тешко ќе биде да се вратиме на панталони, но изборот е сепак голем - широки памучни панталони, шалвари, сукњи, и сѐ што може да ве потсети на ретките удопства што ни ги приреди пандемијата, без да мора некој неупатен да ве гледа попреку.

Интуитивното е - јас како сакам.

И ако решите така, држиме среќа, ќе ви треба, вака локално.

Но, како идеја за понатаму - стремете се кон работни места и кариери што ќе ви дозволат да се облекувате како сакате.

11 декември 2020 - 15:01