Мора да го гледате „Круела“

Ми фалат зборови да се изразам колку е филмот јак и колку многу треба да се гледа. Не знам ни да пишувам толку добро колку што е филмот добар, па праведно да му ги доловам сите елементи, што не значи дека нема да пробам.

„Круела“ е толку одлично скоцкана приказна што приказната во „101 Далматинец“ станува ирелевантна. Авторите како да сакаат да кажат, „баталете сѐ што сте знаеле за приказната досега, ние имаме друго да ви кажеме“. И богами, изнакажаа.

Прво, од трејлер се гледаше дека ќе вришти филмот. Сепак, на толку изнагледани глупости од лани наваму (во мојот случај од „Џоџо Рабит“ наваму, тоа е последниот добар филм што го имам гледано), ти паѓа на памет дека филмот може и да не е толку јак колку што нѐ спремаат дека ќе биде, ама некако - знаеш.

Не може со таа најавена музика, со таа екипа и со тој трејлер да не го бива. И чекаш.

И дочекуваш. И мавташ со нозе во воздух на секои 10 минути од радости и од јако.

Еден проблем само има само пред да го гледаш. Како ќе направат допадлива приказна и „негативец“ за кој што луѓето ќе навиваат, кога Круела пред и над сѐ убива кучиња? За да ги носи?

И за ова имав претчувство, ама филмот и тука ми ги надмина очекувањата. Круела не убива кучиња.

Како што кажав, баталете сѐ што сте знаеле досега.

Ема Стоун е брилијантна. Само обрнете внимание на сцената каде што вози кола во црвен фустан и размачкана шминка, па ќе ве мавне флешбек од последните кадри на цртаниот. Наспроти неа, Ема Томпсон се појавува со својата неприкосновена ненадмашливост, но СЕПАК - како да си го знае местото - ова е филм на Ема Стоун и Томпсон најколегијално ја презема (и ја владее) само споредната улога, ама кога ќе речам „само“, сакам да кажам, ако Ема Стоун е Оскар за главна, тогаш неминовно Ема Томпсон е споредна.

Слоевите на филмот се толку хируршки прецизно обмислени, што и најслаб познавач на модата, поточно на оној декадентен, тетовиран, шашав пар од ‘70-ти во Велика Британија - мода и панк - ќе го полазат морници од тие неколку сцени каде што прелева вивиенвествудизам, хаос и храброст, како противотров на бајатоста во која живееме.

Од овде натаму ќе има ситни спојлерчиња, ама ако не ви сметаат, читајте понатаму затоа главните елементи на приказната нема да ви ги кажам (мразам спојлери). Сепак, ако сакате, како мене, да почнете со филмот во тотален мрак од информации за него, овде ќе се поздравиме.

Има неколку сцени каде што модните ентузијасти ќе воскликнат „со солза во око“, а за тие што се секираа за кучињата - да не се секирате. Во крајно успешен обид да го искупат ликот од неговата претходна појава, сценаристите ги прават кучињата суштински сојузници и обожавани и почитувани како да се родени деца. И Круела има едно прекрасно џукче, и Џаспер и Хорас имаат уште едно. А ако има кучиња-негативци, филмот само потврдува една главно позната вистина - нема лоши кучиња, има одвратни луѓе што ги чуваат. Некои критичари не разбираат до крај зошто да навиваме за Круела и како овој филм ја искупува од она што го знаевме до сега. На тоа, ќе се фатам за сцената каде што еден продавач на половни дизајнерски фустани, патем олицетворение на движечките „тивка вода брег рони“ сили на лондонскиот моден андерграунд, читајќи за нејзе во весник ќе ја праша „Стварно ги уби кучињата?“

Круела му одговара, 

„Не, ама на луѓето им треба негативец, па нека ги.“

До утре можам да зборам за неколкуте безобразни комбинации преку кои се одмаздуваше, на чело со фустанот од „ѓубре“ што ѝ се виореше 20-30 метра позади додека се возеше на самиот - камион за ѓубре. И ова:

Шминката. Фризурите. Кројот на приказната за бекграундот на Круела де Вил. Музиката и како е проткаена на совршени места. Целиот саундтрак. Кастингот. 

Визуелна гозба. Фешта. Те држи за рака и ти вика „глеаш дека не е сѐ пропаднато“.

А и покрај повторувањето на црно-белиот елемент, ликот во својата комплексност сепак е дефиниција на фразата која овде тотално важи - светот не е црно-бел.

Мора да го гледате.

-Јана, Off Café

31 мај 2021 - 15:22