Моќта на целибатот

Во ваков свет каде што сексуален партнер можеш да најдеш побрзо отколку да ти достават пица, никогаш не било полесно да бркаш дечковци/девојки. Но, и покрај сите апликации и пораки во инбокс, изненадувачки голема бројка на луѓе апстинираат - и тоа не од религиозни причини или затоа што не можат да си најдат некој - нив целибатот е тоа што ги прави посреќни.

Некои никогаш особено не се интересирале за секс, а други едноставно прават пауза за да решат некои лични проблеми, да се опорават од лоши врски или да го сменат пристапот кон нив.

Кетрин Греј, автор на „Неочекуваната радост да се биде сингл“ се откажала од секс во период од една година во 2014-та. „Меѓу 16 и 34, немав поминато повеќе од 3-4 месеци сингл,“ вели таа. „Се чувствував некомплетно без партнер и постојано ловев одобрување. Достигнав дно еднаш кога прекинав шестмесечна врска и решив да паузирам од секс и врски една година.“

Прво и изгледало како откажување од дрога, но целибатот се покажал како огромно олеснување. „Наместо да правам што сака дечко ми, открив јас што сакам, развив љубов за јога, фотографија и патувања. Се облекував поинаку и не ми беше гајле дали привлекувам мажи. Почнав да се гледам себеси како личност - наместо како нечија девојка или секс-објект.“ Периодот на целибат го променил начинот на кои им пристапувала на врските; и сега е во среќна врска. „Сфатив дека имам анксиозен стил на приврзување и дека, ако почнам врска со некого, ќе морам да го сменам однесувањето во врска. Ако се чувствувам несигурно во раните фази на врската, знам дека тоа е затоа што се гледам со некој емотивно недостапен, па се повлекувам, наместо да напнувам.“

Комичарката Еленор Конвеј порано им кажувала на луѓето дека нејзините три пороци се пиење, дрога и мажи. „Отсекогаш сум имала зависнички карактер,“ вели таа. Во 2014 се откажала од првите два пороци, па целата зависност ја насочила кон Тиндер. „Многу е лесно стрејт жена да наоѓа партнери и секс без обврски. И навистина е забавно, ако си на чисто со емоциите.“ Откако после некое време сите состаноци станувале досадни, а поради тоа трпел и сексот и станувал ѓубре, се уморила. Во 2018 пробала целибат 10 месеци. „Неверојатно олеснување,“ раксажува, „престанав да ги гледам мажите како секс-објекти, а жените како конкуренција.“ Сега е отворена за сексуална врска, но знае дека ќе се случи ако навистина се поврзе со некого.

Самонаметнатиот целибат е почест кај жените, но и мажите можат да се оштетат од средби без обврски. Тип што за потребите на текстот се нарекува Том, се откажал од секс пред 18 месеци, откако излегол од штетна врска и се приклучил кон Анонимни алкохоличари заради неговата зависност. „Бев промискуитетен кога пиев,“ вели тој, „но избрав целибат за да ми успее лечењето.“ Наскоро сфатил дека со секс без обврски ја прикривал осаменоста. Целибатот му дал прилика да ги препознае овие емоции и да ги подобри другите односи во животот.

Луѓето кои се сингл можат да се почувствуваат како аутсајдери кога ќе изберат целибат, но ова чувство е често многу посилно кај парови. „Општеството врши огромен притисок за редовна сексуална активност и дека мора да се има одличен секс цело време, но немаат сите позитивно искуство,“ вели Аманда Мејџор, директорка на клиничка ординација при еден волонтерски центар за врски. „Постојат многу ‘треба’ и ‘мора’ на тема секс и луѓето многу брзо судат.“

Еден пар, во текстот наречени Ејми и Хари, немале секс повеќе од шест или седум години. „Никогаш не ни беше некој голем дел од врската и после неколку месеци бев под стрес на работа и веќе не сакав,“ вели таа. „Ми олесна затоа што не ни уживам многу во сексот.“ Од тогаш, парот е во нежен меѓусебен однос и целибат. „Се гушкаме секоја вечер пред телевизор и наутро кога се будиме и ме бакнува кога ќе дојде од работа.“ Уживаат кога се заедно и сметаат дека се сродни души. „Сме зборувале за ова и се согласуваме дека си ги подобруваме животите многу еден на друг. Сексот едноставно не им е толку важен на сите.“

Мејџор вели дека врска без секс сè уште може да биде „вистинска“, доколку двајцата партнери се задоволни од таа идеја. „Повеќето луѓе сакаат љубов и грижа од партнерот, а постојат многу начини да се постигне тоа, освен секс.“

За луѓето кои се сингл, Мејџор вели дека сексот без обврски на некои може им е забавен, но на некои други не. „Понекогаш, период на целибат може да го обезбеди тој простор за размислување што точно сакаш да постигнеш за себе.“

30 јануари 2020 - 15:49