Американската психолошка асоцијација има изведено анкета во која биле вклучени 2200 луѓе, по која заклучокот е дека да се погали и допре животно има смирувачки ефект. Дури 86% од испитаниците рекле дека нивните миленичиња имаат позитивно влијание на нивната општа состојба, 69% рекле дека им се намалува стресот и анксиозноста, а 66% дека животното е „смирувачко присуство“.
За луѓето што живеат со нарушувања со анксиозност, овие проценти се повисоки. Истражување од 2019 покажува дека кога имале кучиња на кампуси и факултети, студентите живееле со помалку стрес, анксиозност и депресија. Ова било случај, без разлика дали кучето било дресирано за терапија, или било обично домашно куче.
Терапии со животни (како кучиња и коњи, на пример), можат да се користат во комбинација со когнитивно-бихејвиорални и други психотерапии.
Освен тоа, во некои случаи, милениците тераат на поголема физичка активност, што не може да биде лошо - излегуваш и шеташ со куче, а некои истражувања покажуваат и дека сопствениците на кучиња поради ова имаат 31% помалку шанси да добијат инфаркт, во споредба со луѓето без кучиња.
Помагаат и при осаменост, но не секогаш - луѓето со миленици споделуваат сѐ со нив, пријавуваат и дека подобро спијат со миленик покрај себе, но сепак, нема доволно истражувања кои укажуваат на директна поврзаност меѓу имањето миленик и психичката состојба за време на пандемијата, на пример. Ова е затоа што луѓето иако споделиле дека милениците им пружаат позитивни емоции, љубов и друштво, сепак заедно со тоа доаѓала и грижата за нивното здравје и повремените прекинувања во работата од дома.
Во секој случај, миленикот бара грижа и труд - со него доаѓаат финансиски трошоци, доаѓа чувство на вина кога го оставаш сам дома, дури и нервози ако ти се падне терсене. Сепак, општиот заклучок е дека милениците се позитивна страна од секојдневието - позитивно влијаат на менталното здравје, пружаат утеха и друштво, учат на љубов, но истовремено, на одлуката дали да се внесе животно во семејството треба да ѝ се пристапи со сериозност еднаква како за отворање врата за цел нов човек во животот, затоа што доаѓа со комплетна одговорност.