Поминаа 15 години:

Мерлинка, најтрагичната филмска ѕвезда на бивша Југославија

Вјеран Миладиновиќ беше првиот јавно деклариран транвестит во Југославија и ѕвезда во филмовите на Желимир Жилник. Во светот на шоу-бизнисот беше познат како „Мерлинка”, а приказната за неговото убиство и денес предизвикува мачнина - никој не одговараше за тоа страшно злосторство.

Смртта на Мерлинка е како оние мрачни трилери што на крај не ви дозволуваат да се опуштите затоа што убиецот е конечно фатен, туку оставаат горко чувство на уште еднаш незадоволена правда. Од друга страна, пак, животот на Мерлинка беше како сценарио за некоја тешка драма за човек кој се бори за своето право да биде поинаков.

Вјеран е роден 1958-ма година во Загреб. Неговата мајка Тереза заради бременоста била исфрлена од школо, а после кратко време живеење во парк, била сместена во дом за незгрижени деца и млади полнолетни лица. Шест месеци по неговото раѓање, Вјеран останува да живее во домот, без мајка. Неколку години подоцна, татко му го носи да живее кај баба му во селото Бресничиќ, а после го зема кај себе во Прокупље. Како што подоцна ќе напише во неговата автобиографија „Терезин син”, најголемиот пресврт во животот му е кога со семејството на татко му, после завршување на средно школо се преселиле во Белград. Иако во 1978-ма го бркаат од дома, во Белград конечно наоѓа круг на истомисленици. Почнува да се шминка, да облекува тесни фармерки и да се бави со проституција, за конечно во 1989-та, на 31 година да одлучи да се трансформира во „Мерлинка”, иако за себе продолжува да зборува и во машки и во женски род.

Мерлинка „ординира” главно по улицата Гаврило Принцип, секогаш во тесни мини сукњи, високи штикли и упадлив накит. Режисерот Желимир Жилник наводно бил фасциниран од Мерлинка па, после епизодни улоги во филмовите "Београде, добро јутро” и "Лијепе жене пролазе кроз град", во ’95-та ѝ доделува главна улога во, денес веќе култниот "Дупе од мрамора”.

„Желимир, гледаш каква е ситуацијата. Ние порано се плашевме да излеземе затоа што сите нè прогласуваа за лудаци и откачени, а денес таа наша откаченост не се ни забележува,” ја цитира Жилник неговата „муза” која наскоро ќе ги доживее своите пет минути слава.

Во тој период, Вјеран ја пишува и автобиографијата „Терезин син”.

„Напишав биографија која ја посветив на жената и курвата во мене - Мерлинка. Ја посветив и на мажот кој најмногу сум го сакал - Тибор. Го овековечив нечовечкиот и користољубив однос на мајка ми Тереза Стрмецки, татко ми Миодраг Миладиновиќ и полубратот Небојша Миладиновиќ кон мене. На сите лично ќе им ја испратам мојата книга со посвета полна со омраза и желба секој од нив да доживее што е можно потешка и погрда судбина. Ова што го напишав за нив е моја лична одмазда,” раскажува Вјеран во едно од неговите последни интервјуа.

Тогаш објавува и дека оди во „пензија”.

„Никогаш не сум рекол дека е убаво да се заработува од проституција. Јас сум сега само пензионирана курва. Се пензионирав на последниот ден од НАТО агресијата. По Гаврило Принцип скоро и да не поминувам. Некои два пати отидов во овие три години и се чувствував ужасно. Свесен сум дека побегнав од дното на животот. Дно полно со умрени, покварени, зли, алчни, изопачени луѓе. Да, тоа дно каде што сите се исти: курвите, макроата, муштериите и одредени надлежни органи, се знае кои. После сè што доживеав можам да констатирам: низок морал - висок стандард. Порок на кој повеќето од нас се склони. Сега живеам како просечен граѓанин на оваа земја. Живеам од плата, имам 25 години работен стаж, никогаш не сум напуштил работа. Може не сум претерано корисен член на општеството, но сепак сум личност која предизвика голем интерес.

И навистина - Вјеран драстично го менува својот начин на живот, но луѓето кои го среќавале, со насмевка се потсетуваат на него.

„Често го среќевав затоа што со другари шетав кучиња околу неговиот преуреден дом. Колку што можев да заклучам од урбаните легенди и колку што можев да видам со свои очи, Мерлинка живееше во дел од Опсерваторијата што го имаше преуредено во стан. Ако може така да се нарече. Повеќе беше „кров над глава”. Мерлинка на крајот сите го сакаа. Имаше добра душа. Многу сакаше кучиња. Ги хранеше сите скитници околу Калемегдан. Еднаш разговарав со него. Беше во машко издание и клесаше камен. Никогаш не би помислил дека е транџа. Дури кога прозборе забележав. А беше симпатично смешен во својата збунетост, еднаш за себе ќе зборува во машки, еднаш во женски род. Цело време повторуваше „сестро слатка” во сред разговор. И ми зборуваше како му е преку глава од влечкање по улици, од тој кучешки живот. Можеби и затоа толку сакаше скитници и се грижеше за нив. Кога НАТО ја бомбардираше Србија, Мерлинка исклеса огромна клупа покрај неговиот кров над глава. Штета што никој од градските скотови на тоа не обрна внимание. Барем го сакаа сите што шетаа кучиња по долниот дел на Калемегдан. Мерлинка го уби некој Ром, којзнае зошто. Штета, добар човек. Носеше тежок крст,” пишува Радован Настиќ, мултимедијален уметник познат под прекарот Бенседин.

Вјеран Миладиновиќ е убиен на 22-ри март, во 2003-та, точно пред 15 години на улица Грга Андријановиќ во Крњача. Прво е задавен, па добил два силни удари со ѕидарски чекан по глава. Неговото тело е пронајдено месец дена по смртта во поодмината фаза на распаѓање. За убиството е обвинет Фаик Рамадани Бабуш, а тогаш малолетниот Бејтул Раќипи Бејто е обвинет дека му помагал на Рамадани по убиството. Случајот се развлечка, обвинетите постојано си ја префрлаа вината, „присетувајќи” се на нови детали, се вклучија и нивните семејства постојано давајќи им алиби… И на крај и двајцата во 2004-та, во мај, се ослободени од обвиненијата поради недостаток на докази.

22 март 2018 - 15:55