Медеја-ефект: Кога родителот го повредува детето за да наштети на друг

Понекогаш, родителите ги користат децата како оружје при битки во врската, а исходите знаат да бидат ужасни.

Ефектот Медеја се однесува на феноменот во кој родителот го повредува детето заради одмазда. Се манифестира преку физичко повредување, како и манипулација во врската - измислување лажни наративи, поткопување на другиот родител и забрана за комуникација. Резултатот може да биде длабоко-вкоренета штета и доживотна траума за детето.

Легендата вели дека Аргонаутот Јасон, херој од боговска лоза го барал златното руно. После години потрага, битки и веслање, пристигнува во Колхида за да го собере. Таму, сите предизвици ги извршува херојски, но еден предизвик му доаѓа премногу - не може да помине вечно буден змеј, но за среќа, се вљубува во принцезата и волшебничка Медеја, која му дава волшебна напивка за да го успие змејот и заедно успеваат да го надминат и овој предизвик.

Сепак, кога ќе стигнат во Коринт како бедни и беззначајни цивили, веќе не е така едноставно - на Јасон му текнува на таков херој како него му треба појака принцеза, па ја напушта Медеја и нивните две деца. Сега Медеја очајно сака да го повреди, но нема како - веќе е отиден да лови принцеза во друг замок, па прави нешто чудовишно. Полудена од бес поради предавството, си ги убива децата. Ги сака, но одмаздата ѝ е поважна.

Во овие последни редови, веќе станува пореално. Милениумите поминале, но останува познатата приказна на семејство скршено од предавство, гордост и инат. Во психотерапијата, ова е познато како Медеја-ефект.

Има два начини да се гледа на феноменот. Првиот е кога ќе чуеме приказна за мајката што си ги убива децата затоа што ѝ пречеле во животните планови. Вакви приказни има по вести и кога ќе се појават, предизвикуваат бес и лутина кај луѓето. Една Сузан Смит, на пример, си ги удави децата во кола затоа што беше опседната со маж што не сакаше деца.

Карл Јунг има теорија дека причината што толку нè вознемируваат ваквите приказни повеќе од други приказни со убиство на деца, е што овде се превртува архетипот на „Мајка“ - мајката треба да е отелотворување на грижа и љубов, потпора за детето; а кога мајката ќе ја напушти таа улога - со негрижа или убиство - беснееме поради суровоста и инверзијата.

Иако приказните за мајчински инфантицид се ужасни, почестата верзија на Медеја-ефектот е кога мајката го повредува детето за да му врати на партнерот. Типичен начин за ова е кога мајката се труди од петни жили таткото да не добие никакво старателство. Во случаи каде што таткото е грижлив родител, ова е повредување на детето за да се повреди таткото.

Оваа верзија на Медеја-ефектот е позната како „синдром на оттуѓување на родителот“. Се постигнува со лажни наративи, со поткопување на родителот и со бранење на комуникација. Сето ова може да предизвика длабока штета и доживотна траума и не само што е сурово за оттуѓениот родител, туку таквото „перење на мозок“ обично води до доживотен проблем со воспоставување и одржување на здрава интима.

11 јануари 2024 - 11:18