Машкото его е како нежна жена

Теорија: Повеќето мажи преферираат кршливи, нежни, женствени жени. Непријатна е, и тоа баш поради тоа што многу потсетува на реалните искуства. Така е од праисториско време и така ни е вметнато во ДНК. И има врска со продолжувањето на видот. Но…

Се поставува прашањето: Дали мажите имаат генетски предиспозиции да бидат привлечени од нежни жени, или се вртат кон нив затоа што се чувствуваат загрозено жени кои се помоќни и попаметни од нив?

Твитер да отвориш, на милион места ќе видиш воодушевување од моќни жени. На уште милион ќе видиш суптилно (и не толку суптилно) мафтање со прст на слободата „што си ја дозволува” некоја жена, на тема што веројатно ако се работи за маж, никакво негодување нема да видиш.

За да не се раководиме според урлања по социјални мрежи имаме наука за поткрепување на теоријата.

Има многу истражувања што покажуваат дека бројот на мажи кои би се гледале со паметна, моќна дама е помал отколку што ние би сакале.

Едно од истражувањата, изведено на универзитетите во Бафало и Тексас и Лутеранскиот универзитет во Калифорнија, ги прашува учесниците (мажи), дали би им било удобно да излегуваат со жена попаметна од нив. 90% рекле дека тоа им е океј, но кога ги донеле жените лично, повеќе не биле заинтересирани.

Како заклучок се изведува дека мажите ги привлекуваат жени кои се поинтелигентни или покомпетентни од нив, но само ако се на физичка или физиолошка оддалеченост. Кога се работи за врска, излегува дека мажите го претпочитаат друштвото на жени кои не можат да ги надмудрат.

Разочарани и навредени?

Ај, уште едно.

Второво истражување се состои од сличен социјален експеримент кои ги носи истите резултати, но истовремено наоѓа и можно објаснување за нив. Во тестовите, од учесниците било побарано да го анализираат и опишат нивното чувство на машкост во ситуација во која би биле надмудрени и засенети од жена која може да им е потенцијален партнер. Овде, заклучокот е дека кога проценуваат на физиолошка оддалеченост, мажите покажуваат поголем интерес за жени кои се попаметни од нив, а наспроти тоа - покажуваат помал интерес на кога жената е физиолошки поблиска.

Според наведеното, се чини дека мажите сепак чувствуваат закана од моќни и интелигентни жени кои зависат исклучиво од себеси. Поточно, паметна жена е опасна по машкото его, па како резултат на тоа, мажите по секоја цена се трудат да го заштитат, дистанцирајќи се од жени кои се подобри од нив.

Сепак, иако истражувањата покажуваат дека мажите се плашат од силни и паметни жени, тоа не значи дека нешто не е во ред со жените, исто како што не значи дека баш „сите мажи се исти.”

Продолжете да работите, да бркате соништа и да негувате амбиции. На некои луѓе може ќе им биде страв, ама па тие што ќе се доближат, ќе ги бива повеќе.

Заборавете на „скрасување”.

23 април 2019 - 00:00