Марина Абрамовиќ ве кани да му се пожалите на - дрво

Убаво прочитавте. Да му се пожалиш на дрво. Да го гушнеш дрвото и да му се изнајадосуваш за 2020.

Марина Абрамовиќ има „креирано метод“ што ѝ овозможува да стекне повисоко ниво на свест, какво што ѝ е потребно за работа од типот „сега ќе седнам тука, а вие што сакате правете ми, еве и нож“. Се вика „Абрамовиќ-метод“ и е сет од техники што ја истражува идејата да се биде присутен и во времето и во просторот, со вежби за фокусирање на дишењето, движењето, мирот и концентрацијата. Сега во најновиот обид Абрамовиќ да биде во центар на внимание кога луѓето имаат посериозни проблеми и никој не ја есапи, додаток на овој метод е и жалење на дрвја, при што од луѓето бара да ги истурат чувствата што им ги предизвикува оваа драматична година на недолжни дрвја.

„Дрвјата се како човечките суштества,“ ќе каже мудро Марина на промотивното видео, занемарувајќи го фактот што најверојатно дома седи на лешеви штом е така. „Имаат интелигенција. Имаат чувства. Комуницираат едно со друго. И се совршени неми слушатели. Можете да им се пожалите.“

Инструкции за жалење на дрвја од Марина Абрамовиќ:

„Многу е важно да изберете дрво што навистина ви се допаѓа. Може да биде мало, дури не мора да биде ни толку убаво, но некако да сте поврзани со него, емотивно. Не го бирајте по убавината, изберете го поради мирисот, кората, лисјата. Што и да ви се допадне. Разгледајте наоколу и изберете дрво што ви се допаѓа.

Немојте веднаш да го гушкате дрвото. Прво почувствувајте ја неговата енергија. Не мора ни да го допрете, само држете ги рацете блиску.

И тогаш пожалете му се за сѐ што ве мачи. Тоа е целата идеја. Се пожалил некој од вас на дрво досега? Не. Значи ова е нешто што ќе го правите прв пат. Како патување во непознатото.

Се надевам дека ќе креираме некаков тренд, дека луѓето ќе истрчаат во парковите и ќе почнат да им се жалат на дрвата. Ова е еден начин на зацелување во овој момент на нашата историја.

Да се пожалиш на дрво е уште еден начин да земеш енергија од тоа дрво. И да се залечиш. Да му кажеш за сета негативност што ја имаш во животот. А дрвото е нем слушател. И сѐ се апсорбира во кората. И ќе се почувствуваш подмладен. После тоа ќе бидеш среќен.“

Добро, Марина.

Патем, ако цела Македонија отиде да се жали на дрвја и тоа овој период, и ако стварно кората ја апсорбира негативната енергија - останавме без шуми и паркови.

1 декември 2020 - 10:00