Мајки и бес: време е да се каже нешто

Мајките разговараат за многу работи. Ама за бес? Никогаш. Тоа е една валкана тајна што ја чуваме за себе.

Кога моето прво дете имаше две години, впишав два збора на Гугл: Мајка + Бес. Беше напорен ден, со мигрена, три трескања од земја на мало дете, подот во ходник исцртан со фломастери, чинија шпагети истурена на под. И кога седнав пред компјутер таа вечер, прстите само ми се излизгаа преку тастатурата, и ги напишав тие зборови што вриеја во мене цел ден.

Да бидам искрена, очекував дека ќе има цела заедница на мајки што беснеат заради… бесот. Но, излезе само една релевантна статија, напишана во 1998. Сепак, ја прочитав и се израдував - некој му дал име на збунувачкиот калеидоскоп на чувства што ги имав како нова мајка. Без разлика што тоа било 15 години претходно.

И поминаа неколку години.

Го родив второто дете и од љубопитност повторно ги впишав истите зборови во пребарувач. Резултатите се немаа сменето многу. Истата статија од 1998 се појави, но освен тоа, немаше ни меме, ни хаштаг ни ништо друго што барем имаше спомнато мајчински бес.

Да бидеме јасни, не зборувам за оној тип на благо незадоволна мајка што ниша со главата и превртува очи како Керол Брејди. Ви зборувам за бес. Она излудено чудовиште што не си ни знаела дека го имаш во себе додека не станеш родител. Ретко е и непредвидливо, но се појавува кога ќе се претера. Кога ќе се истури боја на новиот тепих. Кога ќе те разбудат трет пат вечерта. Кога никој не сака да облече кондури, а за пет минути треба да ѕвони за прв час.

Јасно ви е, нели?

Мислам дека на сите ни е. Ама сепак, не сум сигурна, затоа што не сум чула други мајки да зборуваат на оваа тема. Што е чудно, со оглед на тоа колку нѐ бива за зборување на секоја друга тема. Депресија, осаменост, страв, грозни гастро приказни: многу важни и искрени разговори сум имала со други мајки. Ама таа една работа што божем не ја правиме е бес. Не разменуваме приказни за моменти кога толку многу сме се дереле, што нѐ заболело грлото. Или кога сме вриштеле во перница затоа што толку многу нѐ измалтретирале тој ден.

Овде некаде би требало да ставам дисклејмер: Види, збеснувам понекогаш, но навистина си ги сакам децата и не би променила ништо, пс. ве молам не ми судете. Ама нема со тоа да ви го трошам времето. Затоа што знам дека знаете дека си ги сакам децата. Сите си ги сакаме. Одиме понатаму.

Сега, шест години подоцна, гледам да откријам кои ситуации ми притискаат копче. Дека не сум најпријатна во 3 сабајле. Дека ми е тешко што маж ми често е отсутен. Дека како и кај моето двегодишно дете, збеснувањето ми доаѓа, па си оди. Ќе се развикам неколку секунди, но никој не страда. И знам со сигурност кога детето ќе ми направи сендвич и притоа ќе направи хаос, дека сѐ е веднаш подобро.

Други што помага? Да зборуваш за тоа. Да признаеш дека некои денови посегаме толку длабоко заради нашите деца, што ни треба помош повторно да се искачиме на површината. Исто така мислам дека и еден чај и насмевка од друга мајка би направиле чуда.

Спремни ли сме да споделиме?

-Лиса Сибери, Бејбиолоџи

19 јуни 2020 - 14:10