Мадона ќе режира био-филм за Мадона

„Кој подобро би го раскажал тоа од мене?“

„Сакам да го доловам неверојатното патување на кое ме однесе животот како уметник, музичар, танчер - човек, што се обидува да си го најде патот во овој свет,“ изјави Мадона. „Фокусот на овој филм секогаш ќе биде музика. Музиката ми помогна да се движам и ме оддржа во живот. Има многу нераскажани и инспиративни приказни и кој подобро би ги раскажал од мене? Од суштинска важност е ролеркостерот на мојот живот да биде од мојот глас и мојата визија.“

Ќе го пишува заедно со Диабло Коди, а продуцент е Ејми Паскал, сѐ под капата на Јуниверзал Пикчрс.

Инаку Мадона пушта водичка за проектот со недели на социјалните мрежи. За време на еден Инстаграм лајв со Коди откри дека филмот ќе се фокусира на нови клучни периоди во нејзиниот живот - подемот на Мадона во ’80-те во Њујорк, успехот со Like a Prayer и работата на филмот Евита. За сценариото рече дека ќе биде „за борбата како уметник што пробува да преживее во машки свет како жена и едноставно, за целото патување.“

Мадона се има појавено во многу филмови во текот на нејзината кариера, вклучувајќи го и A League of Their Own, каде и што се има запознаено со Ејми Паскал. Како режисер се појавува само на две места - непознатиот британски Filth and Wisdom од 2008 и пропаста наречена W.E., каде меѓу другите, се појавува млад и надежен Оскар Ајзак.

„Би сакала да направам уште филмови, уживам во процесот,“ кажа тогаш за време на пресот на W.E. во 2011. „Колку и да истоштува и да е тешко - физички, емотивно, било како, навистина… Навистина ја сакам филмската уметност и би сакала да имам можност да направам уште еден.“

Девет години подоцна, желбата ѝ се остварува, само што, филм за Мадона бара продукција како за Едит Пјаф или Џуди Гарланд… А дали Мадона како режисер лично ќе може тоа да го изнесе… ќе видиме.

16 септември 2020 - 13:33