Од пријателите очекуваш да бидат возбудени што си бил сведок на некаков неповторлив фестивал во Египет или си крстарел по тајни заливи, но, иако учтиво ќе те ислушаат и ќе климаат со глава, треба да ти биде јасно дека едвај оддолеваат да погледнат на саат и најверојатно со задоволство би разговарале на друга тема.
За ова има и научни студии - и објаснуваат зошто е така. Излегува дека не е само до љубомора; проблемот е во контекстот. Вашите авантури не им значат ништо. Луѓето сакаат да разговараат за познати работи, а не се толку љубопитни за новите теми што сакате да ги наметнете во разговорот. Што значи да, си има цена тоа напуштање на стадото и бркање уникатни искуства.
Во нивната дисертација „Непредвидените трошоци на исклучителното искуство,” тројцата психолози од Харвард, Гас Куни, Даниел Т. Гилберт и Тимоти Д. Вилсон дискутираат како заради исклучителните искуства, луѓето и ни завидуваат и не чувствуваат како туѓи. Велат, „Во најлош случај, луѓето може да се завидливи и да ги мразат тие што имаат вакви искуства, а во најдобар, едноставно немаат многу да придонесат кон разговорот.”
Во еден експеримент, истражувачите направиле мали групи на испитаници и од тие групи, на една личност ѝ било дадено смешно видео од уличен изведувач да го гледа на само, а на другите им дале глупа видео-анимација да ја гледаат заедно.
Пред да ги гледаат овие работи, им кажале што ќе гледаат: или забавниот магионичар на улица, или трапавиот цртан.
Веднаш по гледањето на снимките, побарале да им кажат колку се среќни во моментот.
Потоа ги собрале групите заедно, за да разговараат, пред повторно да ги одвојат и да ги прашаат:
1.Колку среќно се чувствуваат сега
2. Колку се чувствувале вклучени во разговорот со останатите
На крајот, тие што го гледале добриот клип, веднаш се почувствувале посреќни. Откако сите заедно можеле да дискутираат, излегло дека групата што споделила заедничко искуство со лош клип, се чувствувала посреќно од тие поединци што го гледале добриот, но го гледале сами.
Значи, ако сакате да ги споделите авантурите со луѓе што ќе сакаат да чујат за нив, треба да најдете такви - што уживаат во исти или слични такви искуства. Затоа луѓето што често патуваат имаат тенденција да се наоѓаат меѓу себе и да се групираат. Приказните за далечни места им се мотивирачки наместо туѓи и неинтересни. Можат да се поврзат и да се видат себеси реално со такво исксутво. И човечки е да бидеш позаинтересиран за нешта со кои можеш да се врзеш.
Затоа, дозволете им на луѓето дома да се возбудуваат за обични работи, на пример за нов автопат, или за нов трговски центар, и ако можете, радувајте се со нив. Но, ако сакате да се дружите преку приказни за Мачу Пикчу со луѓе што ги интересира, тогаш најдете си публика со слични искуства. Затоа што на крајот, на вашите пријатели што ретко патуваат тоа не им е интересно.
Забелешка на уредникот: Кај нас ова малце ко да не може. Ќе најдеш ти човек што би го занимало јавање камили, ќе му кажеш дека си јавал камила, ама пред да се доискажеш, ќе ти каже дека он на поголема камила јавал. И така.