Лореал се надева на исклучиво еколошки пакувања до 2025

Индустријата за убавина многу зависи од пластика, и ова отсекогаш претставувало еколошки предизвик. До скоро, многу малку лидери во индустријата имаа обиди да се промени ова, но еколошката закана на пластиката повеќе не дозволува да се игнорира.

Сега ќе се прави Американски пакт за пластика и една од организациите кои ќе се вклучат во оваа мисија е Лореал.

„Посветени сме да имаме улога во заштита на планетата од глобалната климатска криза со која се соочуваме и ќе го трансформираме нашиот бизнис,“ вели директорката на отсекот за социјална одговорност и оддржливост во компанијата. „Се гордееме што сме дел од Пактот и се придружуваме кон над 60 организации, да работиме за системски промени.“

Организацијата има за цел да спои јавни и приватни акционери, за заедничко осмислување на нов пристап на дизајн, користење и одново користење на пластика. Како дел од пактот, Лореал се обврзува да дефинира листа на амбалажи кои се проблематични и до 2021 ќе бидат непотребни, притоа да преземе мерки за елиминација на тие амбалажи до 2025. И до 2025 сите пластични пакувања треба да бидат 100% со можност за одново искористување, рециклирање, плус да можат да се распаѓаат. Се обврзуваат и да рециклираат и искористуваат 50% од пластиките и да се осигураат дека просечните рециклирани материјали ќе изнесуваат 30%.

И тајмингот на гигант како Лореал (чиј пример најверојатно ќе сакаат сите да го следат) е одличен: Летово лансираа „Лореал за иднината“, иницијатива за одржливост со цели до 2030 година.

„Препознавајќи ги сѐ поголемите еколошки и социјални предизвици со кои се соочува планетата, ‘Лореал за иднината‘ ја забрзува трансформацијата кон бизнис модел кој ги почитува нејзините граници и се посветува и на одржливост, и на инклузија ширум светот,“ се вели во изјавата за медиуми.

Има уште многу работа и итните чекори на пактот вклучуваат креирање на мапа на чекори за постигнување на зацртаните цели.

Останува да се надеваме дека макар и од терање мода ќе се вклучат што е можно повеќе брендови и ќе се рашири во сите останати индустрии.

2 септември 2020 - 00:03