Љубовната приказна што го дефинираше животот на Фреди

Шш. Затворете очи и замислете дека живееме во свет каде што ова е лекција во учебник по историја.

Мери Остин имала 19 години кога 24-годишниот Фреди Меркјури влегол во Биба - скапата лондонска продавница каде што работела. Тоа ѝ го менува животот, во правец на огромна љубов, турнеи по стадиони, ужасна загуба и наследство од куќа во Лондон со 28 соби. Во тоа време, Меркјури го дели една година од основањето на Queen. Пет месеци по првата средба, Остин и Меркјури почнуваат да живеат заедно; остануваат во романтична врска уште шест години, а пријатели - до крај на живот.

Нивната врска продолжува да еволуира и откако Фреди објавува дека е бисексуалец, а романтичниот однос завршува. Остин била присутна кога умирал од СИДА. Била присутна во секое време. „Може да се каже дека таа му беше љубовта на животот,” ќе каже Мик Рок, еден од пријателите на двојката во документарецот Freddie Mercury: The Untold Story.

Сега Остин живее тивко во Гарден Лоџ, куќата што ја наследи од Меркјури по неговата смрт на 45-годишна возраст во 1991-ва. Иако Остин редовно се среќавала со фанови што го оплакуваат, повеќе не го прави тоа.

Домот од соништата на Фреди е како храм, а Остин многу малку има сменето од ентериерот. За неа, загубата била огромна.

„Загубив некој за кој мислев дека ми е вечна љубов. Кога умре, се почувствував како да сме биле во брак. Дека сме си ги одживеале заветите. Дека бевме еден со друг во добро и лошо, богатство и сиромаштија, здравје и болест. Никако не беше можно да се пушти Фреди, освен ако не умре - а дури и тогаш беше тешко,” изјавува таа за ОК.

До средбата со Меркјури во 1969-та, животот на Остин воопшто не се движел во правец на извонредност. Нејзините родители работеле обични работи, и двајцата биле глуви. Иако нејзината работа во Биба ѝ овозможувала повремено да се меша со елита, како Пол Макартни и Мик Џегер, Фреди го запознала преку, тогаш идниот гитарист, Брајан Меј, со кого кратко време се гледала. Откако неколку пати ѝ дошол на работа, Фреди ја викнал на дејт на неговиот 24-ти роденден. Го одбила. Тој бил упорен. Па, излегле наредната вечер.

Веќе истата година, додека живееле заедно во мал стан во Лондон, Queen ги забележува првите успеси. Остин ја препознала моќта на Фреди за време на мало шоу кај него на колеџ. Препознала и дека и самата ќе учествува во сето тоа. „Таа вечер сфатив дека морам да се вклучам и да бидам дел од ова. Како што почнуваше сè да се развива, го гледав како цвета. Беше фантастично за набљудување,” раскажува Остин.

За нивните пријатели, Остин и Меркјури биле ептиом на млада љубов и среќа. „Беа слатки. Беа како брачен пар. Очигледно се работеше за вистинска љубов,” вели Брајан Меј во Freddie Mercury: The Untold Story.

Ѝ предлага брак во 1973-та. „Ми даде голема кутија на Божиќ. Внатре имаше уште една помала, па уште една и така натаму. Со такви работи си играше,” се сеќава Остин. „На крај најдов прекасен прстен со жад во последната. Шокирана бев. Едноставно не очекував. Само шепнав, ‘Да.’”

Ова е инаку рекреирано во новиот филм.

Иако Меркјури нивната врска ја сметал за брак, тие никогаш формално не се земале. Врската им се променила откако Queen доживува поголема слава и Меркјури почнува да спие со мажи. Остин се сомневала дека „не е во мир со себе”. По некое време, Меркјури објавува дека е бисексуалец, како што и се сомневала. „Олеснување ми беше, навистина, да го слушнам тоа од него. Да знам дека сум била во право,” вели таа. „Го поддржав и за хомосексуалноста затоа што тоа беше дел од него. Фино беше да се гледа Фреди во мир со себе. Повеќе од фино. Прекрасно беше.”

Нивниот физички однос завршува, но нивната поврзаност расте. Фреди ѝ купува стан блиску до неговиот и ја вработува како личен асистент. Нивната заедничка историја влијае на сите нивни романтички врски во иднина. Во 1985-та, во интервју, Фреди вика: „Сите мои љубовници прашуваат зошто не можат да ја заменат Мери, но едноставно е невозможно. Не можам да се вљубам во маж на ист начин како во Мери.”

И покрај тоа, и двајцата имале долги врски со други луѓе. Откако се разделиле, Фреди бил сингл некое време. Излегувал и со други жени јавно, а со мажи приватно. Со Џим Хатон беше седум години, до смртта. А Хатон почина во 2010-та од рак.

Остин во меѓувреме се мажи два пати. Првиот пат со сликарот Пирс Камерон со кој има два сина. Потоа со бизнисменот Ник Холфорд, од кој се разведува пет години подоцна. Кога му дијагностицирале СИДА на Фреди, Остин била меѓу луѓето кои се грижеле за него, заедно со Хатон. „Изгубив семејство кога умре Фреди,” вели Остин. „Ми беше сè на светов, заедно со моите синови. Не сум сретнала таков човек.” По смртта, Фреди ѝ остава на нејзе и нејзините два сина куќа со 28 соби и половина од неговото богатство во вредност од 75 милиони долари, со што предизвикува љубомора кај колегите од бендот. На Остин ѝ ја остава и одговорноста да ја закопа неговата пепел на тајна локација. „Не сакаше никој да пробува да го откопа, како што се случуваше со други славни личности. Фановите знаат да бидат длабоко опседнати. Сакаше тоа да остане тајна и така и ќе биде,” завршува Остин.

16 ноември 2018 - 00:00