Лезбејките и понатаму без свој простор

Прашањата за идентитет, инклузија и права се меѓу најжешките културни теми во денешна Британија. Општините вложуваат милиони фунти во ЛГБТК+ иницијативи, драг шоуа и уметнички проекти, а квир простори никнуваат насекаде. Но парадоксот е очигледен: токму лезбејките, еден од најстарите и највидливи делови од заедницата, сè уште немаат сигурен простор што е само за нив.

Новинарката Џени Вотсон во текст за Спајкд нагласува дека, иако денес физичките напади врз лезбејките се поретки, институционалното исклучување станува секојдневие. Таа потсетува дека постојат многу простори кои се нарекуваат „лезбејски“, но во нив често се вклучуваат и таканаречени „машки лезбејки“, или ако сакате, мажи што се идентификуваат како жени и сакаат да бидат во врска со жени. Според неа, тоа значи дека токму жените кои во минатото трпеле стигма, отпуштања или насилство - сега се маргинализирани од системот што тврди дека ги штити.

Како пример, Вотсон го наведува своето искуство со организирање брзински состаноци за лезбејки (speed dating - кога настанот е специјално осмислен за да имаш кратки разговори со различни потенцијални партнери, за да си одбереш со кого најмногу си одговараш). Кога во 2023 година решиле да не дозволат да учествуваат (какви било) мажи, менаџментот на дел од просториите ги одбивал нивните настани. Како реакција, таа и група активистки ја основале L Community - мрежа за лезбејки и бисексуални жени - и почнале да организираат средби на алтернативен начин. Настаните често се преместувале, а организаторите се менувале за да избегнат притисоци и блокади.

Во 2024 година L Community ја лансира и првата апликација за жени-лезбејки. Намерата била едноставна: жените полесно да се поврзат меѓу себе. Но веднаш по објавувањето, мажи нашле начин да ја заобиколат проверката на пол, со помош на пријателки кои веројатно мислеле дека се „на правата страна на историјата“ и, за жал очекувано, откако еднаш влегле во системот, почнале да испраќаат експлицитни фотографии и навреди, па апликацијата морале да ја повлечат и да ја преправат со построги контроли.

Обидите да се создаде физички простор биле еднакво проблематични. Оваа година L Community сакале да изнајмат празен железнички свод во Лондон за првиот лезбејски клуб во Британија само за жени. Но општината Саутварк ја одбила иницијативата - не затоа што плановите биле незаконски, туку, како што вели Вотсон, затоа што институциите се плашат да дозволат жени-лезбејки да се собираат без „надзор“. Ова изгледа уште поконфузно ако се земе предвид дека истата општина вложила повеќе од 3 милиони фунти во други ЛГБТК+ проекти - вклучувајќи драг шоуа, центри за мажи и мешани „квир“ простори.

Слични сценарија, според Вотсон, се случуваат низ целата земја. Простори што некогаш биле лезбејски се затвораат, блокираат или се преземаат од други групи. Таа дури наведува случај кога била исфрлена од лезбејски бар во Лондон - не поради однесувањето таа вечер, туку затоа што била препознаена како организаторка која не дозволува мажи на своите настани.

Според Вотсон, лезбејките се најстрого контролирани затоа што нивното постоење е потсетник дека биолошкиот пол сè уште има значење. Институциите реагираат со блокирање, маргинализирање и укинување на нивните простори за да не се наруши доминантната идеја дека секој може да стане жена.

„Не бараме привилегии,“ истакнува таа. „Бараме само еден мал простор - еден железнички свод од стотици - каде што можеме да се сретнеме без машко присуство, во согласност со законот.“

Пораката, смета Вотсон, е политичка: на младите лезбејки им се испраќа сигнал дека нивните права завршуваат онаму каде што почнуваат туѓи чувства. Но таа и нејзината заедница најавуваат дека борбата продолжува - било преку апликации, настани или клубови. „Секоја затворена врата,“ вели таа, „е само уште една причина да се отвори нова.“

9 септември 2025 - 09:13