Лажната мода на Кореја и како може да оформи еден стил

„Опкружена сум со монограми откако знам за себе, дури и пред да знам да ги прочитам. Мали LV-а, преклопени C и G, често и на рака кај мајка ми. Сепак, овие не беа направени во Париз, туку во Итаевон, соседството во Сеул познато по пазарот на лажњаци.”

Не знам кога го научив зборот „лажно”, но знам дека не беше лош збор. Во Јужна Кореја од каде што е моето семејство, само за тоа се знаеше после војната. Мојата прекрасна баба за која сите велат дека е причината што сакам мода, имаше плакар полн со лажни Фенди кошули, мали, црни Гучи фустани од спандекс, и тоа во време кога овие модни куќи воопшто ја немаа ставено Кореја ни на мапа, а не па да продаваат тука. Во неделите, ја средуваше својата кратка коса, се симнуваше до пазар и се ценкаше за зеленчук облечена во кожа-боја, лажен Фенди топ. Така се живееше после војната.

Значи, Корејците станаа одлични во копирање. Ова го кажувам не со срам, туку како факт. Останува национална гордост - вештината со која две корејски раце совршено реплицираат до шев. Еднаш, кога бев мала, мајка ми и баба ми ме спакуваа во Хјундаито на вујко ми и отидовме во Итаевон. Влеговме во еден дуќан кај една жена, за која баба ми гордо изјави дека прави лажни саати како никој. На една маса, жената ни извади прекрасен асортиман: Картие и Шанел рачни часовници во црна или бела керамика, внимателно наместени на црно кадифе. Беа толку добро изработени што комотно можеш да ги прошеташ до дуќан на Картие или Шанел и никој да не забележи. Се возбудив кога го ставив Шанел Ј12 часовникот на рака. Тоа ми беше прва и најблиска средба со висока мода. (Родена сум во Чикаго, но на 8 години се преселивме во некаква недојдија во Висконсин, каде што најблиску до дизајнерска гардероба можеше да се купи во аутлет на Поло Ралф Лорен и тоа беше буржоазија, а и Сеул во тоа време не беше поарен.)

Чувството беше како да си залепил никотинска налепница, а не пушиш и не ме напушти ни до ручекот. Гледајќи го часовникот на рака, замислував како би било да се живее во град и да се носи Шанел и се опседнав.

Во средно почнав еден мал (и вака кога ќе се сетам, иритантен) тренд на носење минијатурна ташна, наместо џиновски ранец (си ги држев книгите, и си ги менував во шкафчето меѓу часови). Заради ова се чувствував многу возрасна и помалку провинцијалка. Multicolore Takashi Murakami соработката со Луј Витон штотуку беше излезена и повеќе од сè на светов ја сакав црната кожна ташничка со монограмот во шарени бои. Ги молев моите.

И мајка ми ми донесе подарок од баба ми.

Од Итаевон.

Ајде бе, си помислив. Толку мала ташна, колку може да чини? (Сè уште размислувам вака). Мајка ми рече, можеме да ја купиме, ама ќе морам до градот, а зошто да се мачам кога копијата изгледа еднакво добро? Не сфаќаше. Јас мислев дека во Америка луѓето сакаат автентичност. Тука се гледаше вредноста и монограмите мораа да се заработат. Нели, патувањето, а не дестинацијата и такви божем важни работи. Во повоена Кореја, не беше важно како или каде си го добил тоа - поубав нос, најнова ташна... беше важно дека го имаш. Што поскоро, тоа подобро.

Така, ја носев по школо, но се чувствував а) виновна дека имам копија и б) параноична дека ќе ме откријат и ќе дознаат дека сум измамничка. Навечер ја истражував ташната, парче по парче за траги што можат да ја издадат. Дали монограмите беа точно распоредени? Дали беше вистинската нијанса? Заради тоа, станав опседната со забележување копии. Знаев да се фиксирам на пример, на сомнителна Селин Фантом, која требаше да биде многу поширока кога ќе се отвори и да има четири златни, квадратни клинчиња на дното, а не округли. Или на Шанел палто од твид, чие букле делуваше премногу евтино, дури и на неколку метра оддалеченост. Види ја мајсторијата, би рекле Корејците. Деталите. Не се забележува разликата.

Се разбира дека се забележува. Никогаш нема да ја заборавам мојата прва вистинска ташна. Беше Луј Витон Спиди (а што друго?) купена на семеен одмор во Аруба. На моите им беше во ред да се потрошат за подарок за матура, после години труд да ме научат да не трошам пари (ова не им успеа). Тогаш прв пат допрев вистински Витон после години познавање исклучиво копија. Прво беше мирисот - тој полн, путер-мирис на кожа, толку богат што можеш да се задавиш. Тој загасен сјај на златното копче. Самата тежина во рака (Корејците мразат да е тешко). Танцував со неа по продавницата и ја гушкав. Гордо ја носев на ручек и ја ставав внимателно на нејзино столче, да не ја капнам со нешто. Вистинска е, вистинска е, вистинска е, си мислев. Чувството ми беше како конечно да сум стигнала некаде.

Уште имав лажни. Секој месец, баба ми праќаше пакети, често со накит. Но овие не се обидуваа да бидат вистински, изгледаа многу евтино и со презир ги пикав по фиоки. Требаше да се селам во Њујорк да работам за Конде Наст и не можев да си дозволам да носам такви очигледни лажњаци, па да ме забележи некој уредник на Вог. Денот кога слетав, отидов во продавница за стари работи на Апер Ист Сајд и купив класична Шанел ташна за преку рамо. Добар половина час поминав испитувајќи ја линијата (имаше едно сомнително лупење кај внатрешниот џеб) и испрашувајќи го сопственикот за картичката и серискиот број. Кога заклучив дека е добро, ја купив, па отидов во Барнис и сите пари што ги добив за матура ги дадов на Селин чевли на платформа. Мене ми вредеа за сите пари.

Кога почнаа да се гледаат првите знаци на корејскиот културен бран (пред Гангнам стајл), тогаш моето семејство почна да ги напушта своите копии. Сега бевме по-повоени. Како останатите наши сонародници, стоевме цврсто на нозе и бевме спремни да ја прифатиме оригиналноста, да инвестираме во вистински предмети, наместо да плаќаме помалку за помалку. Мајка ми почна да ги гледа како инвестиција. Класична Шанел ташна, ако имаш среќа да можеш да си ја дозволиш, ја задржува вредноста и може да се остава во наследство - копија, направена од поевтина кожа се распаѓа на ситни, црни трошки.

А сепак, се случи нешто чудно. Почнав уште повиновна да се чувствувам сега кога имав вистински парчиња, отколку кога имав лажни. „Добра ташна,” ќе речеше некој, а мене ми се слушаше „(Мора да е) добра ташната.”

Фасцинирана сум од сопствената ментална гимнастика. Богатите сè уште постојат во меур, каде што да одиш во теретана со Ермез Кели од 19.000 е симпатично. Надвор од тој меур, и само стотка да потрошиш бара оправдување од судот на јавното мислење. Дали беше полошо што луѓето ќе мислат дека сум платила неколку илјади за нешто и дека се фалам? Или беше полошо дека е лажно и сум некаков позер?

Многу работи се сменија откако прв пат го ставив тој Ј12 Шанел рачен часовник. Се преселив во градот, сега работам за Вог. Внимателно собирам облека од моите херои, Баленсијага од времето на Жеские, па Фило Селин, винтиџ Вествуд корсети и Кавакубо. Го најдов и купот со копии од Итаевон. Сега ми се допаѓаат. Веројатно затоа што стигнав онаму каде што тргнав и ме потсетуваат како почнав. Освен тоа, културата на копии го добива својот момент. Денес, просечниот миленијалец не може да си дозволи ни куќа, ни кола, а не па ташна од 3000 долари. Во еден чуден пресврт, евтина копија изгледа повистински. Луксузните логоа алудираат на богатство и статус. Лажното лого вели: заеби - што треба всушност да вреднуваме?

Сè уште верувам дека треба да се инвестира во неколку добри, оригинални парчиња, наместо во неетичка брза мода, и не одобрувам да се краде дизајн и да се зема за свој (тоа е веќе друга категорија на копирање). Но истовремено научив дека да додаваш вредност - па и себеси - со поседување на овие парчиња е тотално без поента. Сега, ако некој ме праша дали е „вистинско”, само кревам раменици.

Всушност, со мајка ми имаме вакви мета-дискусии каде што често немаме поим дали некое нејзино винтиџ парче е вистинско или лажно. Тој Гучи топ од ’80-тите? Не се сеќава. Микро Витон-спидито? Веројатно лажно, ама… така ли беше? А заклучокот е дека сепак - чувството е она што е важно.

Ова лето влегов кај моите родители во спална, каде што мајка ми ми извади една ташна на Шанел со рачка од бамбус - го чистела плакарот и нашла цело богатство од ’80-тите и ’90-тите што помислила дека ќе ми се допаднат - со непознато потекло. Се погледнав во, веројатно лажна Фенди кошула, со вистинска Гучи ташна, полувистински-полулажни Шанел синџири - и некако, си бев сосема во ред.”

-Моника Ким

15 октомври 2018 - 14:11