Кристен Стјуарт како принцезата Дајана

Најновата филмска Дајана ќе ја игра Кристен Стјуарт во биографскиот филм „Спенсер“, на Пабло Ларејн.

Фотографијата е од снимањето и Кристен замислено гледа низ прозорецот од нешто што личи како  голема куќа, со русокоса перика, црна шапка со вел и кошула со машна. Претходниот филм за Дајана со Наоми Вотс во главната улога медиумите велат дека е за никаде, но, како што вели i-d, ако има актерка што е доволно „no bullshit“ за ваква улога, тогаш тоа е Стјуарт.

Инаку, претходно Ларејн работеше на „Џеки“ со Натали Портман, кој беше успешен и на Портман ѝ донесе номинација за Оскар, па можеме да очекуваме дека и ова најверојатно ќе се движи по истиот пат.

„Спенсер е нурнување во една емотивна замисла на она што беше Дајана во тој пресвртен момент во нејзиниот живот,“ рече Кристен Стјуарт. „Физичка слика на секој дел од нејзе, што почнува од нејзиното моминско презиме - Спенсер. Страшен напор да се врати кон самата себе, додека се труди да се држи за она што името Спенсер нејзе ѝ значи.“

Како и во „Џеки“, филмот ќе претстави многу тежок период за Дајана. Фокусиран е на викендот во палатата Сандрингем кој го поминала со кралското семејство за Божиќ, знаејќи длабоко во себе дека е подготвена да го напушти бракот. Ќе се снима во Велика Британија и Германија и целта им е да стигнат до претстојните фестивали кон крајот на годинава. За поширока публика ќе стане достапен во 2022, кога е и 25-годишнината од смртта на Дајана.

30 март 2021 - 11:25