Мрачната женственост значи сирови емоции, невоздржани желби и суштинска моќ. Си дозволуваш и бес и сензуалност и самодоверба - квалитети што за жал историски се стигматизирани и стишувани, што ги оставало и сè уште ги остава жените дисконектирани од нивната вистинска природа.
Но, социјалните мрежи влечкаат еден тренд, што на некои жени им е вродена карактеристика, а некои жени допрва го учат. Проблемот е што, иако сме 2023, концептот се базира на онаа недостапност на која нè учеа женските списанија во ‘90-те - „нека те брка“, „нека се прашува кај си“, „биди мистериозна“, и така натаму. Има по некоја трошка вистина во сето тоа, чисто од психолошка гледна точка, главно во филозофијата дека не треба да се претвориш во партнерот и комплетно да му го посветиш животот, ама овде никој тоа не го спомнува, а важи за сите полови и сите врски, плус - друга тема е.
Сите овие глупости се маскирани со мрачната женственост, и кога се „предава“ како концепт, наместо конечно да се рашири во свет кој не смее така лесно да подјармува жени како порано, се базира на истите манипулативни и токсични тактики што важат за гаслајтери и лав-бомбери, сè под маската на нов феминизам и ветување дека жените ќе си ја вратат моќта и ќе станат врв-верзија на самите себе.
Советите што шетаат по ТикТок се ужасни:
„Пиши му, се гледаме во 7, па пиши извини, грешка беше, и нека те снема.“
„Пиши му тука сум! и нека те снема.“
„Вметни команда во прашањето.“
Дури и без никаков проблем се под наслови „Совет за манипулација бр. 11“.
Како само им успеа нешто што требаше да е лична работа, повторно да го пуштат низ призма на машко-женски односи? Затоа што со ова, освен тоа што жените се во предност, резултатот е секако - токсична врска.