Колку малку фалело

#MeToo бараше дебели за Викторијас Сикрет, па им ја дадоа Барбара Палвин. Значи им дадоа ултра-згодна манекенка, со тело што се постигнува со спиење во теретана шест месеци, ама чудо е што може малку месо да направи.

Минатата недела, Викторијас Сикрет објави фотографија од манекенката Барбара Палвин на Инстаграм и светот воскликна. Палвин не е она што се нарекува плус-сајз манекенка, но сепак, за разлика од досегашните ангели на брендот, како што милува да истакне публиката - се гледа дека е јадена.

„Оваа всушност изгледа здраво… и супер е тоа!” пишува во еден коментар. Друг вика, „Конечно! Вистинско човечко тело!”

Додека многу од нас треба да вложат натчовечки напори и до тоа тело да стигнат, светот веќе слави, а постот е еден од најуспешните на Инстаграм профилот на ВС.

За два дена собра 780.000 лајкови, од кои 710.000 беа во првиот ден.

Иако ова е само една Инстаграм-објава, а не е ни прва што ја вклучува Палвин, а не е дури ни објава со крупна манекенка, демонстрира дека клиентелата позитивно реагира на Викторијас Сикрет, и автоматски се качуваат сите нивоа на ангажираност околу нивниот профил кога брендот се смета за поинклузивен.

ВС е под лупа откако го изеде стапот поради контроверзната изјава на шефот на маркетинг и плус, поради хиперсексуализираните реклами и секси ревии на кои, според некои, не им е местото во ера на #MeToo.

Ние мислиме дека баш сега им е местото тука, но добро.

1 април 2019 - 16:31