Викторијас Сикрет не е јавен сервис

Модната индустрија во целост има општествена одговорност со оглед на тоа колку е влијателна, ама секој бренд посебно апсолутно не мора да биде „сервис на граѓаните”. Со тоа што, луѓето што не изгледаат како ангели на Викторијас Сикрет никако не можеш да ги убедиш во тоа.

Група демонстранти се соблекоа по гаќи пред продавницата на Викторијас Сикрет на Оксфорд Циркус, во Лондон. Протестираа за недостатокот на разноликост во модата и се шетаа низ продавницата извикувајќи „модата нè изневери”. Една носеше транспарент „Сакаме разноликост кај сите брендови”, а друга „#ПаднатиАнгели”, о, која непотребна, глупа драма!

Пред само неколку дена помина шоуто на Викторијас Сикрет кое, под влијание на обратната инквизиција со која што живееме периодов имаше најмала гледаност до сега од првото појавување во 2001.

Bullying му правеа и на Ед Разек, кој, заборавајќи ја моќта на борците за социјална правда се истрча да каже, парафразирано, дека на шоуто нема место за трансродови манекенки затоа што „е фантазија”.

После се извини.

Го додаде и следното, онака, најискрено:

„Пробавме да направиме специјално шоу со plus-size манекенки во 2000-та. Никого не го интересираше. Сè уште не ги интересира.”

Ние тогаш вака тоа го илустриравме:

„Си отвараш фирма и си викаш „мене таргет ќе ми бидат рудари.” И кога ќе дојдат пожарникари да ти кукаат „е зашо да немаш пожарникари” некако, стварно не знаеш како да реагираш, па си ќутиш.

Па, ќе пробаш да објасниш.

И пак ќе ти се качат на глава.”

И бидејќи ниеден бренд не им должи ништо посебно, се поставува прашањето… Ако некаков дуќан не те почитува и не држи нешто што ти треба на тебе, нели е доволно само - да го одминеш?

Ако не па, да одиме да се соблакаме пред продавници за бела техника затоа што нема доволно избор на вградливи индукциски рингли.

Блесав свет.

7 декември 2018 - 13:40