Kолку е лесно да лажеш на Инстаграм, тоа е чудо

Ова го докажува една инфлуенсерка, за која сигурно не сте чуле, ама тоа не значи дека поентата не ѝ е добра. После еден куп слики од Коачела, вади видео дека воопшто не била и дека сè било лажно.

Ако нацрташ два круга и едниот го означиш со „неверојатно славни”, а другиот со „комплетни анонимуси”, повеќето Инстаграм и Јутјуб ѕвезди фино ќе се сместат во пресекот. Толку многу луѓе има во светот денес, што е сè повеќе можно некој да биде многу популарен, а вие да немате чуено за него. А Габи Хана, лајфстајл инфлуенсерка - спаѓа токму во таа категорија.

Има 6.5 милиони на Јутјуб и 3.8 милиони на Инстаграм - ја сакаат поради влоговите, професионалните музички спотови и инспирацијата за вежбање, но последниот проект ѝ е пародија.

Во „Лажев дека отидов на Коачела”, Габи објаснува во детали како со фотошоп успеала да ги прелаже следачите дека отишла на фестивалот, кој стана синоним за селебрити и инфлуенсери, и тоа многу повеќе отколку што е синоним за ѕвездите што настапуваат таму.

Габи го документирала нејзиното фестивалско искуство на Инста стори, со сликички од слаткото Ербиенби каде што е сместена, со репостирање на видеа од луѓе што стварно снимале од таму, со коментари на туѓи слики од локација како: „Не ми се верува дека на време се разбудив за ова, но мило ми е што успеав.”

Во видеото каде што открива што направила, вели: „Ако ме следите доволно внимателно во последниве 2 години, веројатно знаете дека не сум баш воодушевена од Коачела… Тоа беше намерата зад сето ова, да покажам колку е лесно да се лажираат работите на социјалните мрежи.”

Додава и дека, „Луѓето ги гледаат другите на Инстаграм и си мислат, ‘леле, животот им е невозможно совршен, тоа тело, тој одмор, таа кола…’ а толку многу од тие работи се лажни. И тоа е во ред, не се обидувам да ги навредам тие што така функционираат затоа што тоа е легитимна кариера, но за обичниот гледач што само набљудува и се стреми кон тие работи, нека ви биде јасно - не се секогаш достижни.”

25 април 2019 - 20:23