Кој сака Прада фризби од 650 долари?

Штета се ближи крајот на летото, инаку цело можевме да го поминеме со Прада фризби. Ште-та.

Фризбито е дел од Планинската колекција на Прада, може да се купи во неонско портокалова боја, сончево жолта и полноќно сина, со тоа што полноќно сина ја имаме овде на слика и изгледа како секоја друга глупо-плава пластика што ја има по чаршија, во дуќанчиња за евтини играчки.

Има и футрола за да може да се закачи на ранец, а рекламата им се обраќа на „љубители на природа и обожаватели на активности на отворено“.

Инаку, Планинската колекција доаѓа после Крајбрежната од минатиот месец. Ја нарекуваат „ексклузивна колекција посветена на автентичноста на планините и спортските активности.“

Каде да се пожалиме од копирајтерот? Автентичноста на планините?!

Освен многуте забавни додаточиња, ќе најдете и спортска облека со Прада лого, како кратки комбинезиони, патики со огромни ѓонови и најлонски ранци и јакни. Последниве две се направени од регенерирани конци и рециклирана пластика од океан, како резултат на новата посветеност на Прада да бидат еколошки поодговорни (што е за поздрав).

Разгледајте си на сајтот, та не е саде фризбито.

17 август 2021 - 00:04