Кои се тие чудните брендови што ги гледаме на Инстаграм?

Постојат луѓе толку незатруени од превари и балканштини (од проста причина што не се на Балкан) што успеваат да се излажат и на тие реклами од чудни брендови на Инстаграм, мислејќи дека се работи за скромен шнајдер од Бруклин. Само што, не сме ние толку отракани за бизниси на Инстаграм, па обично, ваквиве „неокаљани” ги снаоѓа – кинезштина. Балканштината им ја правиме на домашен терен.

Алексис Мадригал, новинар од The Atlantic, еден ден начекува интересен, пристоен капут, боја – камила на Инстаграм, марка: West Louis. Му се бендисал, па отишол на сајтот, видел двоцифрена цена и си помислил, „џабе!” па брзо-брзо нарачал.

Брендот West Louis за себе на сајтот изјавува: West Louis е совршенство за облека за модерни господа. Но во свет каде што, како што кажува Мадригал, нафтени компании играат тврдат дека се „гориво за поврзување”, кој е тој да наоѓа мани што ете, еден мал бизнис сака да се пофали?

Неколку недели подоцна, доаѓа капутот, во црна кеса, со ознаки на кинескиот поштенски сервис:

„Материјалот имаше мекост на тепих во Лас Вегас и синтетички сјај,” опишува Мадригал. „Толку беше синтетички, што сигурно можеше да се рафинира во гориво за брод. Технички, навистина беше тоа што го нарачав, само со полош квалитет од тоа што го очекував, од секој аспект.

Отидов на Инстаграмот на West Louis и видов дека имаат околу 20 постови, сите објавени меѓу јуни и октомври 2017-та, повеќето слики од облека. Ја пребарав сликата на Гугл и капутот со назив Business-Man Windproof Long Coat (како бе не му текна?!) се продава на еден куп други сајтови. Еден дуксер што го купив преку Инстаграм го има во 15 онлајн продавници, од кои секоја необавезно го претставува како свој, а сепак користи идентични слики од истиот тетовиран мустаклија.”

Сето ова е на платформа која се вика Shopify, која е Вордпрес во онлајн трговијата. Сега има над 500.000 трговци, број што расте 74% годишно во последниве години. На празници како Денот на благодарноста на пример, имаат милион долари во трансакции во МИНУТА.

Мадригал дава одлична дефиниција на овој феномен:

„Shopify е основа за еден нов екосистем кој си помага со дигитално огласување преку Фејсбук претставувајќи еден фасцинантен нов пазарски свет, како мутација на глобализираниот капитализам кој расте во пукнатините на мејнстрим трговијата.”

Во меѓувреме ние ќе ц’цкаме како успеваат Кинезите да прелажат пола планета, додека некои наши извикани дуќани со извикани газди (и газдарици) уште нè шетаат по ќерамиди за производ што чини две третини од просечна македонска плата, но што е многу поважно – доаѓа од истата таа Кина.

12 јануари 2018 - 17:33