Неделна доза ентериер:

Кога станот ќе ти стане занимација

Инес Мелиа е диџејка од Париз, истовремено дизајнер и сликар. Додека беше затворен Париз се нашла со слободно време на претек и решила да се посвети на сопствените четири ѕида.

Почнува да комбинира предмети од секојдневниот живот, да експериментира со сѐ што ѝ се наоѓа наоколу - станот ѝ станува игралиште.

Во кујна поминува многу време, особено кога пандемијата не дозволува претерување со шетање по ресторани. Има најдено винтиџ трпезарија од ‘70-те во хром и нијансирано стакло. Столовите ги покрила со сатенски материјал, иако е ризично за во кујна, па тапетарот се обидел да ја разубеди и џабе.

Бањата ѝ е омилен дел од станот и ѝ требало многу време да ја покрие целосно со рачно изработено топено стакло. И вредело:

Има уште една маса, каде што работи и седи со гости, а ѝ ја направил столар, минималистички со голема површина и две ногарки во форма на Т.

Осветлена е од два големи италијански лустери со по 24 светилки, и кога ги оставаат вклучени премногу долго, почнуваат да светкаат како стробоскоп (веројатно се бунат), но нејзе тоа ѝ враќа фини спомени од излегување по клубови, нешто што ние тука се обидовме да го вратиме во употреба и драматично ни се одби од глава.

Библиотеката држи книги, цд-а, винили и двд-а што ги обожава и во етапи се комплетираат самите себе „како слика што вечно ќе биде во прогрес.“

извор

14 октомври 2020 - 00:00