Кога политичката коректност ќе стигне до сируп за палачинки

Производите на Aunt Jemima ќе се ребрендираат под притисок на БЛМ, затоа што биле навредливи, само што, никој не го праша семејството на вистинската „тетка Џемима“ дали е навредено. Не е, напротив.

Квејкер Оутс на почетокот на месецов објави дека ќе го ребрендира миксот за палачинки и сирупот „Aunt Jemima“ поради расистичката историја.

Но, потомците на Лилијан Ричард, една од жените што биле бренд-амбасадори со години, велат дека компанијата одлучила да ги преправа производите, без да ги консултира семејствата на сите жени што биле „Тетка Џемима“.

Нејзината внука, Вера Харис ја поддржува одлуката и движењето „Црните животи се важат“, но Aunt Jemima претставува дел од историјата на нејзиното семејство и градот Хокинс во Тексас.

„Да се избрише тетка ми Лилијан Ричард значи да се избрише дел од историјата,“ вели Харис, која е историчар на семејството Ричард во Хокинс. „Сите во моето семејство се среќни и горди на тетка Лилијан и она што го има постигнато.“

Инаку, ликот „Тетка Џемима“, се базира на белата, романтизирана верзија на „мами“, црна, добродушна, мајчински настроена робинка, изземена од суровата реалност на ропството во 19 век. Инспирацијата за ликот доаѓа од песната „Old Aunt Jemima“. На еден Светски саем во 1893, поранешна робинка со име Ненси Грин била прва што патувала низ земјата, со престилка и марама како тетка Џемима.

Лилијан Ричард е една од 12-те бренд-амбасадорки и почнала во 1925. Во Хокинс, посветен ѝ е споменик, заради нејзината кариера која ја почнала во време кога црнкињите немале многу опции.

Кога наполнила 20 години, отишла во Далас да побара работа, а црните жени тогаш можеле да работат само како куќни помошнички и готвачки, според Харис. Квејкер Оутс ја забележале и ѝ понудиле да биде амбасадор.

„Мислам дека се радувала затоа што, прво, тоа е работа,“ вели Харис, „и требала да оди да прави презентации по саеми, продавници и други јавни места. За да се одржи вредноста што ја оставила зад себе, внуката на Лилијан се надева дека Квејкер Оутс ќе реши да направи комеморативно пакување, кое ќе ги слави сите жени кои ја биле Џемима низ годините. Дека позади на кутијата може да ги пишува нивните имиња и една жена да биде главна секој месец, на пример.

Би сакала да ја види и кутијата со слика од нејзината тетка облечена како тетка Џемима, со марамата, но и слика каде што не е маскирана, за луѓето да ја видат комплетната слика.

„Била интелигентна, млада, витална, преубава црнкиња, која ја прифатила работата. Разбирала во какво време живее и само сакала да работи. Квејкер Оутс и нејзе и на сите жени им должи огромна благодарност.“

6 јули 2020 - 11:29