Психолози, ако не ви текнува тема за магистерска

Комшиите се веројатно разнебитени од трачарење, ама па како да игнорираш: Кратката верзија е дека мајката бега со дечкото на ќерката едно пет минути откако ќерката се породила.

На долго, Џорџина Олдриџ на свои 44 прославила десет години брак со нејзиниот сопруг Ерик, но судбината сеирџиски замешува прсти и го запознава партнерот на нејзината ќерка - Рајан Шелтон, 26-годишен.

Како? Во кафич, па не знаела дека ѝ е дечко на ќерка ѝ, па ете - „тоа е“?

Се разбира дека не.

Ќерката, Џес, открива дека е трудна со второ дете и одлучува да се всели кај родителите пред локдаун за да ѝ помогнат со децата. После некое време ѝ станува „неудобно“, кога полека забележува дека мајка ѝ нешто многу „го пофаќа за раче“ дечко ѝ и флертува со него - дури и се конфронтира со нив, на што тие очекувано инсистираат дека сето тоа е невино.

Овде е ред да спомнеме дека ако веќе си ставен во ситуација да прашаш, „Мамо, дали флертуваш со маж ми?“, веќе е отидена работата, но добро.

Месеци подоцна, Џес го раѓа второто дете, на 28 јануари. Рајан ѝ раскинува преку порака неколку часа подоцна. Дури и да не те остави за мајка ти, замисли - раѓаш и таткото на твоето дете за некој саат ти раскинува пре-ку по-ра-ка.

А не е дека немало знаци:

„Рајан веќе три пати ме има изневерено. Смешно е што мислат дека имаат некаква силна врска. Слободно нека продолжат.“

„Рајан веќе три пати ме има изневерено.“

Приказната има две страни. На прашањата за аферата, мајката ќе рече,

„Се случуваат вакви работи. Не можеме да бираме во кого ќе се вљубиме.“

Океј, некои приказни имаат една страна.

Примерниот татко бил да го види новородениот син набрзинка, па го видел уште еднаш и наредниот ден кога дошол да се спакува. Се брзал затоа што во кола го чекала бабата на син му, за заедно да одјаваат кон зајдисонцето. Сега се кријат во домот на сестрата на Џорџина и спијат на кауч.

И за крај, изјавата на ептен погодениот зет:

„Не ми е гајле што мислат луѓето, вљубен сум во Џорџина и не ми е гајле кој знае. Мислењата на другите не ми пречат воопшто. Јас знам што се случило. Има две страни на секоја приказна и ја знам вистината зад сето ова. Нема на сите да им се допадне ова што се случи, но и не е нивна работа.“

А луѓе ќе се возбудуваат за некакви си афери на работа, или комшиски љубовни триаголници. Пфт.

24 февруари 2021 - 14:28