Сме научиле во школо, а и од медиумите што од шефовите прават селебрити фаци - да бидеш главен е аспирација, симбол на успех и одличен начин на живот. Но, од неодамна, идејата дека оние на врвот се некаков непогрешив авторитет остава чувство на нешто застарено и погрешно.
Во ваква клима на одново проценување на работите, што се случува со легендата за ужасниот шеф? Не само твојот, посебно ужасен шеф, туку пошироко - што правиме со архетипскиот силеџија што гаѓа со хефталици? Како размислуваме во денешно време за моќта и за оние што безобразно ја користат?
Прво, досега сме изгледале милион серии и филмови со ужасни шефови, и веќе се дел од мејнстрим медиумите. Самиот Доналд Трамп е познат лош шеф, плус си го рекламираше тоа со цело реално шоу, што луѓето уживаа да го гледаат.
Пред да го дознаат какво говедо е, Харви Вајнстин важеше за реинкарнација на старите, страшни холивудски шефови на студија, со неговиот темперамент и сериозни барања. Во меѓувреме, шефицата на Вог, Ана Винтур, чии страшни закачки стигнаа до романот „Ѓаволот носи Прада”, стана „несфатена царица” откако ја изигра Мерил Стрип во филмот. За Гордон Ремзи и неговата база на фанови ич да не почнуваме.
Се поставува прашањето: Како да се ослободиме од културата на безобразни шефови?
Има и шефови што ги третираат вработените со достоинство, некои се полни поддршка, некои се ментори, некои се дарежливи… Сепак, се провлекуваат хиерархии, затоа што, додека не почнеме со роботи, тешко дека ќе ја извадиме човечката природа од работното место, а одреден процент човечки суштества имаат тенденција кон суровост како израз на нивната компаративна моќ.
Вреди да се спомне дека, како и со сексуалното вознемирување, најсилните и најконкретните гласови на незадоволство доаѓаат од најпривилегираните класи, во најбогатите индустрии. Неодамна во еден извештај во Лос Анџелес Тајмс пишуваше за холивудските асистенти и нивното здружување и дискусија за системската злоупотреба која ја трпат, со преработеност и ниски плати, без разлика на милијардите што ги прави нивната индустрија. Дури и кога се разобличуваат непријатностите на работно место, во нашата природа е да се вртиме кон најсјајните и најбогатите, а да ги прескокнуваме приказните што секако поретко се појавуваат: за вработените по хотели, во разни услужни дејности и за хигиеничарите, на пример.
Делумно, ова е затоа што ги романтизираме шефовите, дури и лошите. Ги замислуваме како луѓе какви што сакаме да бидеме, на позиции за кои важи дека се со високи примања и се сечија желба. Трамп во серијата на пример, беше прикажан како остар и плиток, но на некој начин, тие квалитети на гледачите им оставаа впечаток на способност. Зошто? Затоа што е богат и на телевизија, а ние живееме во култура што вреднува пари и слава, кои пак се главни карактеристики на сериозен и заслужен човек.
Ребека Трејстер од Д Кат вака раскажува:
„Кон крајот на 2017-та и почетокот на 2018-та, колку што слушав приказни за неприкладно сексуално однесување, толку слушав и за луѓе чии шефови ги отпуштиле од каприц, ги отфрлале без причина, им ги краделе идеите и ги пријавувале за свои; но однесувањето никогаш не им било врзано со идентитетот. Всушност, тие со моќ и инстинкт да ја злоупотребат, не дискриминираат по раса или пол, за жал, туку се едноставно лоши со сите.”
А во период на економска претпазливост, се поставува прашањето дали вреди ранливите да го предизвикаат однесувањето на нивните моќни господари. Дали е полесно да го кренеш гласот затоа што не добиваш ништо посебно ако молчиш, или посериозната зависност од плата создава една неспособност да прозбориш за проблемите?
„Но, можеби,” вели Трејстер, „токму за тоа треба да се избориме, сè додека разговараме за голема структурна промена. Треба да се дискутира за злоупотребата на моќ не само низ историјата и во важните владини канцеларии, туку и во нашето потесно опкружување. Можеби најтешко би било да ги искорениме лошите шефови и нашето воодушевување од нив од сопствената глава, и тоа особено кога самите ќе влеземе во нова, голема канцеларија, онаа со убавиот поглед и - големата моќ.”