Ким се откажува од „Кимоно”

Сака некој да се кладиме дека се ова беше намерно, или нема ни потреба да се кладиме?

Значи, како што пишавме пред некој ден на ултра-важната тема за новите мидери на Ким, и нивното влијание врз непријатноста на цела една нација, Ким Кардашијан го избра зборот „Кимоно” за наслов на нејзината најнова колекција.

Следеа бурни реакции од цел свет, како да тргнаа да им го мењаат директорот на глобалното МКЦ, па еве некој ден покасно, Ким го изјавува следното:

„Моите брендови и производи се градат со инклузивност и диверзитет во нивната суштина и после внимателно размислување, ќе ја пуштам колекцијата под ново име. Наскоро ќе се чуеме. Благодарам за разбирањето и поддршката.

Секогаш слушам, учам и растам - така што, ја ценам посветеноста и различните перспективи на кои ми укажуваат луѓето. Кога го објавив името на новата колекција, тоа го направив со најдобра намера.”

Градоначалникот на Кјото, Даисаку Кадокава објави отворено писмо и ја замоли да размисли за ново име:

„Го пишувам ова писмо за да ги приложам нашите размислувања за Кимоно и да Ве замолам да размислите за одлуката да го користите зборот „Кимоно” во Вашиот трејдмарк,” вели Кадокава. „Кимоното е традицонална етничка облека и дел од нашата богата природа и култура и неуморната работа и истражување на нашите предци и е култура што се негува и грижливо се пренесува во нашите животи. Истовремено е и плод на занаетчиство и вистински го симболизира чувството на убавина, дух и вредности на јапонскиот народ.”

Кардашијан прво се обиде да ја смири ситуацијата со изјава за Њујорк Тајмс дека „нема да дизајнира или пушти во продажба парчиња облека што на било кој начин ќе штетат на традиционалната носија,” а кажа и дека го разбира и длабоко го почитува значењето на кимоното во јапонската култура, но нема намера да го смени името.

Сепак, резултатот е тој, после цела петиција, хаштаг #KimOhNo и реакции од јавноста.

Нели, ако се преправаме дека не им текна ова однапред.

2 јули 2019 - 16:48