Ким Кардашијан бара слобода за браќата Менендез

„Им должиме на тие деца што го изгубиле детството.“

За тие што не се во тек, Ким Кардашијан е правник и досега веќе се има залагано за луѓе затворени под не-баш-црно-бели околности. Сега ги посети Ерик и Лајл Менендез во затвор и напиша есеј со барање да бидат ослободени, откако ги осудија за убиство на родителите во 1996.

Браќата се инаку тема на серијата „Чудовишта“, сега многу популарна на Нетфликс. Во 1996 ги убија родителите, што отпрвин беше толкувано како акт на аздисани синови што сакаат наследство, за потоа да се открие дека е многу можно да биле сексуално злоставувани од таткото, а игнорирани за тоа од мајката.

„Сите сме производ на сопствените искуства. Искуствата нè оформуваат - какви сме биле, какви сме и какви ќе бидеме. Физиолошки и психолошки, времето нè менува и се сомневам дека постои човек што ќе тврди дека е истата личност како кога имал 18. Јас сигурно не сум,“ пишува Ким во есејот за НБЦ Њуз. „Мислите дека ја знаете приказната за Лајл и Ерик Менендез. Јас мислев дека ја знам: Во 1989, браќата, тогаш на возраст од 21 и 18, ги застрелале и убиле родителите во нивниот дом во Беверли Хилс. Во 1996, после две судења, беа осудени на доживотен затвор, без можност за помилување. Како што често бива, оваа приказна е далеку покомплексна отколку што се мисли. И двајцата велат дека биле сексуално, физички и емоционално злоставувани со години од страна на нивните родители. Според Лајл, тоа почнало кога имал 6 години, а Ерик вели дека татко му го силувал повеќе од една деценија. После години злоупотреба и страв од смрт, Ерик и Лајл избрале нешто што мислеле дека им е единствен излез во тоа време - незамислив начин да избегаат од нивниот реален кошмар.“

Есејот доаѓа кратко откако се дозна дека браќата ќе добијат сослушување во ноември, откако судот во Лос Анџелес добил докази дека Хозе Менендез си ги злоупотребувал синовите. Сослушувањето може да доведе и до ново судење, но сè уште нема одлука.

„Поминав време со Лајл и Ерик, тие не се чудовишта,“ продолжува Ким. „Тоа се љубезни, интелигентни и искрени мажи. Во затвор и двајцата имаат примерно поведение. Имаат стекнато по неколку дипломи, работено како негуватели за постарите затвореници и како ментори на факултетски програми - посветени се на враќање на заедницата. Кога го посетив затворот пред три недели, еден од чуварите ми рече дека би му било удобно да ги има како соседи. Дваесет и четири членови на семејството, меѓу кои и браќата и сестрите на нивните родители, имаат напишано изјави за комплетна подршка за Лајл и Ерик да бидат ослободени.

Со тоа што нивниот случај се враќа пред очите на јавноста - и со оглед на откривањето на писмо од 1988 од Ерик до роднина, каде што ја опишува злоупотребата - се надевам дека одново ќе се разгледа доживотната казна на Ерик и Лајл Менендез. Им должиме на тие деца, кои никогаш не добиле можност да бидат слушнати, да им се помогне, или да се спасат.“

4 октомври 2024 - 11:20